На елиминацијата на бин Ладен претходеше лажна програма за вакцинација во Аботабад организирана од ЦИА. Намерата беше преку програмата да стигнат до ДНК на членовите на семејството на бин Ладен и да го потврдат неговото присуство во градот. Иако планот никогаш не се оствари и ЦИА не стигна до посакуваната ДНК, сепак шемата им помогна да го добијат мобилниот број на курирот на првиот човек на ал Каеда. (Кога докторот тропа на портата од вилата, луѓето внатре одбиваат да му отвораат. Тој бара телефон од главниот во куќата за да разговара со него. На ова, станарите му го даваат бројот од курирот.)
Самоволието и себичноста на ЦИА да се искористат доктори за сопствени потреби и без обѕир кон идните последици уште тогаш беше осудено од научници и експерти за јавно здравје. Магазинот Њу сајантист тогаш порача дека искористувањето на доктори како шпиони е "прекршување на доверба која со децении ќе ги уназади сите напори околу глобалното јавно здравје."
Нова студија која се обидува да ја квантификува штетата предизвикана од акцијата на ЦИА, открива дека во регионите на Пакистан со висока поддршка за исламистичките групи вакцинацијата е драматично падната по обзнанувањето на планот на американската разузнавачка агенција.
Според авторите на студијата проблемите што постојат кога им се објаснува потребата и користа од вакцинација на ниско-образованите луѓе (не е фластер, па да приметиш дека директно ти помага) сега се повеќекратно зголемени бидејќи постапките на ЦИА комплетно ја имаат еродирано довербата на населението во докторите.
"Уште пред убивањето на бин Ладен, Талибанците тврдеа дека Исламот забранува вакцини; исто така тврдеа дека владините обиди за искоренување сипаници се дел од 'завера на Евреите и христијаните да ги направат муслиманите импотентни и да го намалат растот на муслиманите.' Меѓутоа откритието дека ЦИА искористила програма за лажна вакцинација за остварување на своите цели само додава кредибилитет на овие тврдења.
Талибанците и локалните лидери посочуваа на акцијата на ЦИА кога почнаа да им се закануваат на здравствените хуманитарни работници во средината на 2012. Во јуни 2012 Талибанците објавија фатва во која се бараше крај на програмата за вакцинација, велејќи дека 'агентите против сипаници би можело да бидат и шпиони'. За кратко време, почнаа и да убиваат здравствени работници," пишува Џеси Хикс во текстот за Вајс.
Резултатите од студијата покажуваат дека местата каде што имало раст на поддршката на исламистичките групи бележеле пад на вакцинацијата од 9 до 13%. Регионите кои имаат ниска стапка на поддршка за исламистите имаат и незабележлива разлика кај вакцинацијата.
По фатвата објавена од Талибанците, бројот на случаи на детска парализа од 58 во 2012 расте на 93 во 2013, и го достигнува врвот од 306 случаи во 2014.
"Шаблонот е тажно познат: фактите (и псевдо-фактите) се засилени до ниво што ги тераат луѓето да се свртат против вакцините, оставајќи ги поизложени и поранливи на болести како детска парализа, болест која речиси е искоренета во развиениот свет. И ова е шаблон кој ЦИА, можеше и требаше да го предвиди. Сега само знаеме колку чинеше играњето на лажно вакцинирање," пишува Хикс.