Во безброј интервјуа за странски новинари, водачот на кубанската револуција се има разнежнето на споменот на Александар Македонски, неговиот животен идол и херој.
Алехандро, Алексис и Алек се тројца од синовите кои добиваат име по историскиот јунак чие дело цел живот е инспирација на татко им.
А опседнатоста со Александар Македонски трае уште од пубертетските години. На 17 годишна возраст Фидел Кастро дури ги моли и родителите да го смени роденото име. Во 1955-та година, својата организација за свргнување на тогашниот режим ја именува по датумот на раѓање на античкиот освојувач.
Во 2.000 година, Куба се судира со толкав недостаток од хартија што не може да испечати ни учебници за училиштата. Но, тоа не пречи истата година државата да објави огромна тритомна биографија за животот на Александар.
Македонецот кој ја ширеше грчката култура освојувајќи 90 проценти од тогаш познатата територија на светов го има импрeсионирано младиот Фидел затоа што во него гледал многу сличности со себе: неуморен, темпераментен, жеден да прави големи дела.
"Фидел Кастро е карикатура на Александар Македонски" пишува еден медиум на кубанската политичка дијаспора која едвај чека нивниот архинепријател и неговата империја да завршат како во антиката.
Само што Александар починал на 33 години а Кастро има 87 и колку што знаеме, не планира некогаш да умре.