По неколку години и неколку неуспешни обиди за пребегнување во Западна Европа, на Гаит и уште неколку пријатели им успева да стигнат до Атина. Таму преспиваат една вечер и со автобус стигаат до Солун. Во Солун се качуваат на воз и тргаат кон Македонија.
"Се симнуваат во Евзони, околу 3 километри јужно од Македонија, и пешки тргнуваат кон Гевгелија, малиот казино град на север од границата. Кога стапнуваат на мостот за да ја минат Конска река и да влезат во Гевгелија, тие догледуваат дузини полицајци како задржуваат толпа бегалци од Сирија, Авганистан, Ирак и Африка. Полицајците почнуваат во колона да ги маршираат бегалците назад кон Грција. Баха (еден од пријателите на Гаит) предлага да пробаат да избегаат. 'Види колку луѓе има, никогаш нема да не' пуштат,' му вели на Гаит, пред да избега во шумата. Гаит и уште двајца го следат. Билал (друг од групата) не избега со време, и беше оставен позади.
Откако четворицата беа сигурни дека и избегале на полицијата, тие се враќаат кон мостот и го минуваат. Влегуваат во Гевгелија некаде по полноќ, и во близина на железничката станица забележуваат неколку бегалци од Африка како спијат на тротоарот. 'Не знаевме каде да спиеме, па само ги отворивме нашите вреќи за спиење,' објаснува Баха. Следната работа на која тој се сеќава е како 'се буди од удари со метална шипка од полицаец.' Тој ја собира својата вреќа за спиење и бега. Иако успева да избега - како и Гаит и останатите - Баха ги заборава чевлите.
Во слабо осветлениот парк, Гаит и Баха пак влегуваат во вреќите за спиење. Не минува долго време пред Баха повторно да го почувствува пендрекот како пука од неговите раменици. Ова е истиот полицаец од претходно, и неколку минути го мава Баха. Џоел Милман од ИОМ, ми кажа дека во југоисточна Европа целта на полицијата обично не е да се уапсат бегалците туку да се заплашат. Ако Македонците почнеа да ги апсат сите, бегалците 'ќе ги преполнеа нивните затвори' ми објаснува тој, дополнувајќи 'Колку би чинело за да ги чуваат сите нив? Тоа би било астрономска сума.'
Македонската полиција ги собира Гаит и неговите пријатели во комбе и ги враќа назад на грчката граница. Криејќи се во шумата, бегалците ги разгледуваат своите опции. Од СМС порака, Гаит дознава дека двајца нивни пријатели (Рим и Фајез) се заглавени во Атина; ама па нивни роднини успеале со авион да стигнат до Германија користејќи лажни документи што ги добиле од шверцерите. Гаит, чувствувајќи дека патувањето по копно е безнадежно, предлага да се вратат во Атина, да ги најдат шверцерите, и да летаат за ЕУ со лажен пасош.
'Немаме пари за да се враќаме назад. Мораме да продолжиме пеш,' инсистирал Баха. Баха успева да ги убеди, ама на групата и понатаму и е премногу страв од полицијата во Гевгелија за пак да влезат во градот. На ВотсАп Гаит контактира со Абу Амар (основачот на Фејсбук за совети за бегалците како да стигнат до Западна Европа без помош на шверцери)...
... Тој му ја објаснува својата дилема на Абу Амар, кој пак му праќа мапа со упатства која го упатува Гаит и неговите придружници преку блискиот рид. Абу Амар објаснува дека тие лесно можат да ја заобиколат Гевгелија без да привлечат внимание од властите. Бегалците се качуваат до врвот на ридот, се кријат во грмушките, јадат капинки, и одмараат додека да падне ноќта. 'Дење не се минуваат граници,' ми објасни Баха.
Тие се симнуваат од ридот околу 20 часот, и почнуваат да ги следат шините кои водат на север од Гевгелија, низ густа шума. Тивко пешачат во ноќта. Во далечината се слушаат кучиња како завиваат. Гаит се напрега да ја чуе полицијата, бандити или надоаѓачки возови. Два месеца претходно, воз тргнат на север од Гевгелија уби 14 бегалци од Сомалија и Авганистан. 'Не го чуле дека доаѓа,' објасни Гаит.
Веќе во мугрите наидуваат на колонијал во близина на пругата. Застануваат. Гаит е воодушевен што повторно е во близина на модерен водовод и канализација: цел пат тој одбива да се олесни во шумата. Во младоста тој никогаш не одел на кампување - ми рече дека не ја гледал привлечноста за "спиење сред никаде." Во продавницата тие купуваат флаширана вода, векна леб и Нутела. Во тоалетот, Баха си ги чисти нозете, кои му се крвави и со плускавци од пешачењето во апостолки. Ги отвораат вреќите за спиење, ги постилаат во тревата во близина на продавницата и заспиваат на неколку часа.
Продолжуваат со следење на пругата, и некаде на пладне стигаат во едно село на 5 станици северно од Гевгелија. Во порака, Абу Амар ги советува да се качат на следниот воз што оди кон север. Се качуваат заедно со дузини други бегалци. Кога возот застанува на неколку минути во Скопје, главниот град на Македонија, активисти за човекови права со корпи преполни со вода, банани, јаболка, пакетчиња витамини и кроасани, го преплавуваат перонот. Гаит се подава од прозорецот и ги дофаќа производите како што му ги подаваат.
Тие се симнуваат на последната станица пред српската граница, и од еден македонски полицаец добиваат насоки како да се протнат преку границата. Локалните власти, изгледа, беа доста расположени да им помогнат на беглаците кои ја напуштаа нивната земја..."