Далечна планета дава знаци на живот

На планета во соѕвездието Лав многу поголема од нашата се откриени траги на две соединенија што на Земјата ги создава само биолошка активност. Астрофизичарите го сметаат тоа за досега најубедлив доказ дека живот постои надвор од Сончевиот систем. Нема знаци за вонземна цивилизација, но откритието ни помага да одговориме на вечното прашање дали сме сами во Универзумот.

Кај голема планета оддалечена 124 светлосни години астрономи ги откриле досега најцврстите знаци за живот. Кога вселенскиот телескоп Џејмс Веб се фокусирал на планетата К2-18б открил траги од соединенија за кои научниците тврдат дека може да ги создаде само жив свет. Астрофизичарите укажуваат дека присуството на диметил сулфид и диметил дисулфид не се стопроцентен доказ за биолошка активност, но и дека никогаш не биле поблизу до таков заклучок.

На нашата планета сулфидите DMS и DMDS се производ од морскиот фитопланктон и се сметаат за биопотписи на Земјата.

Ова е најсилниот доказ досега за биолошка активност надвор од Сончевиот систем. Ова може да биде точка на пресврт во обидот да одговориме на фундаменталното прашање дали сме сами во Универзумот, изјави астрофизичарот Нику Мадусудан од Универзитетот во Кембриџ кој ги предводеше набљудувањата. 

Планетата К2-18б во соѕвездието Лав е 2,6 пати поголема од Земјата и девет пати потешка. Околу својата ѕвезда, црвено џуџе двојно помало од Сонцето, орбитира во зона погодна за живот, на далечина со температури што овозможуваат водата да биде во течна состојба.

Уште во 2019 година, кога со вселенскиот телескоп Хабл регистрирал знаци за водена пареа во атмосферата, научниците ја прогласија за „планета најзгодна за населување“ надвор од Сончевиот систем.
Набљудувања со помоќни телескопи покажале дека трагите не биле од вода, туку од метан. Но, откривањето на други соединенија укажува дека К2-18б сепак е покриена со огромен и длабок океан, кој дава услови за биолошка активност.

Наодите укажуваат на концентрации на DMS, DMDS илјадници пати посилни од нивното ниво на Земјата. Калкулациите покажале веројатност од 0,3% дека тие се појавиле случајно, а не како производ на живот како фитопланктоните.

Засега не постои познат процес што може да го објасни ова без биологија, вели Мадусудан.

Не се отфрла можноста дека диметил сулфидот на планетата го донеле удари на комети, но за да се откријат траги би бил потребен неверојатно голем интензитет на бомбардирање. Други астрофизичари потсетуваат дека сè уште поголеми шанси за живот има на Марс и на сатурновиот сателит Енцеладус, отколку на К2-18б.

Невозможно е да се стигне до небесна топка оддалечена 124 светлосни години за да се откријат други детали. Мадусудан забележува дека истражувањето на вселената е важно за нас на Земјата.

Во астрономијата, прашањето никогаш не е како да се стигне таму. Се обидуваме да утврдиме дали законите на биологијата се универзални. Не мораме да се нурнеме во вода за да фатиме риба, вели астрофизичарот од Кембриџ.

17 април 2025 - 08:28