Републиканскиот вторник испадна супер само за Доналд Трамп кој на протикандидатите им остави да се радуваат во само 4 држави (Тед Круз победи во родниот Тексас, Оклахома и Аљаска, роботот Рубио во Минесота, а Карсон и Кејсик ич, иако последниов беше јако втор во Вермонт).
Не сите Американци се пресреќни од ваквиот епилог. Гугл пренесе дека, според нивните податоци, прашањето "Како да се отселам во Канада?" зачестило преку илјада проценти.
Шефот на одделението за мерење податоци во Гугл рече дека е посебно интересно што поголемиот дел од овие пребарувања доаѓале од Масачусетс, сојузната држава во која Доналд Трамп убедливо победи освојувајќи 49 проценти од републиканските гласови.
Бројот на Американци кои барале информации за селење бил толкав што сајтот на канадската влада цел ден имал проблем со сообраќајот а нешто по полноќ бил и недостапен па посетителите можеле само да ја видат пораката: "Можно е да имате проблеми со функционирањето на сајтот, работиме на нивно надминување".
Пред некое време канадскиот остров Кејп Бретон им понуди засолниште на Американците ако во нивната земја победи Трамп.