3 х Олимписки

Три вести од Лондон кои немаат директна врска со медалите, ама имаат врска со цвекло, немање насмевка и специјалистите за бришење под.

Од последното.

Од сите волонтери на игрите, момците и девојките што го чистат подот (за одбојка, кошарка, бадмингтон...) имаат најголем публицитет меѓу публиката во салите. Тие се и една од ретките групи волонтери кои добија 9-месечен тренинг за својата работа, во кој освен инструкции за тоа како да го светнат подот со микрофибер крпи, вежбаа и како да не им пречат на играчите кога влегуваат или излегуваат од тренинг и како да не изгледаат дека им е досадно кога чистат. Пред започнување на работниот ден тие задолжително се истегнуваат и се загреваат за да не дојде до повреди, а преку целиот ден организаторот внимава тие постојано да имаат пристап до вода и други пијалоци.

-----

Затоа што не се смеел, 54-годишен маж бил приведен од лондонската полиција за време на една велосипедска трка. Оправдување на полицијата: велосипедистите пристигнувале а тој само стоел и немал никакви емоции на лицето заради што им бил сомнителен и го привеле во станица. Оправдување на човекот: има паркинсонова болест и мускулите на неговото лице често се вкочануваат.

-----

Њујорк Тајмс откри два посебно популарни пијалоци меѓу олимписките спортисти - сок од цвекло и сок од вишни.

Сок од цвекло - овој сок би требало да го подобри крвотокот во телото и нивото на кислород во крвта, но најголемо влијание има за кратки и експлозивни спортови. "Со други зборови, сокот може да му помогне на тркач на 800 метри, ама не и на маратонец," пишува Гречен Рејнолд од Њујорк тајмс. Аматерските спортисти што сакаат да експериментираат можат да пробаат една недела да пијат половина литар на ден пред некоја трка или спортски настан.

Сок од вишни - иако овој нема да ви ги подобри перформансите, ќе го забрза регенерирањето на телото по спортување. Волонтерите во истражувањето на Тајмс пиеле меѓу 280 и 340 милилитри сок на ден.

9 август 2012 - 10:48