Колку што треба сериозно да ги сфатиме еколошките закани, толку треба да се воздржуваме од пребрзи заклучоци и проекции кои водат до апокалиптични сценарија, смета словенечкиот филозоф кој вели дека по секоја цена да се избегнува „екологијата на стравот“, таа морбидна фасцинација со претстојната катастрофа која се претвора во идеолошка манипулација на масите и нов опиум на народот.
Таа матрица има доволно елементи да ја заменува религијата: ние сме само еден безначаен вид во биосферата, планетата треба да ја третираме со почит, како нешто свето, нешто што никогаш докрај не можеме да го разбереме и затоа нејзината моќ треба да остане мистериозна, како нешто на кое треба да му веруваме а не да го доминираме.
А каде има религија, таму има и грев. Од тој заеднички еколошки грев се обидуваме да се искупиме со индивидуални акции па рециклираме хартија, купуваме органска храна... Еколошката идеологија нè смета за априори виновни, грешни кај Мајката Природа и под постојан притисок на еколошкото суперего кое од сите страни нè прашува: што денес стори со твојот долг кон Мајката, ги селектираше ли лименките Кока кола, затвори ли прозорци кога вклучи клима...
Затрупани со прашања за индивидуалната одговорност, немаме простор да ја видиме поголемата слика и да поставиме посуштински прашања, за смислата на целата индустриска цивилизација и индивидуалистичките општества, смета Жижек.
„Ние сме како фудбалски фанови седнати пред телевизор. Викаме и рипаме од место, суеверно верувајќи дека некако можеме да влијаеме на резултатот.“
Жижек смета дека од сите погрешни пристапи кон еколошките проблеми најпогрешно е она по кое треба да се вратиме кон некаков природен баланс, на поскромен и традиционален живот, наратив кој е регресивен и секој напредок го гледа како сомнителен.
Фосилните горива, односно како завршија сите тие видови без некоја посебна еколошка вина од нивна страна, покажува дека Мајката Природа не е топла и широкограда туку ладнокрвна и сурова.
Очекувано од Жижек, она што се случува околу Амазон (Европа го обвинува Бразил, Бразил ја обвинува Европа) тој го толкува како знак дека ерата на суверени нации доаѓа на својот крај и доаѓа време за глобално координирање на неопходните мерки а тоа значи и глобална насока кон она што некогаш го нарекувавме комунизам.