На самитот во Вилнус оваа недела, лидерите на НАТО порачуваа дека иднината на Украина е во НАТО. Шупливи зборови. Коминикето на НАТО, објавено подоцна, го потопи секое ветување за членство во море од предуслови.
Водачите на НАТО ќе ѝ упатат покана на Украина за членство во НАТО:
- само по завршувањето на војната;
- само ако „сојузниците се согласат и условите се исполнети“;
- само ако се задоволни со „напредокот на Украина во однос на интероперабилноста“;
- само ако Украина преземе „демократски и реформи во безбедносниот сектор“.
„НАТО со едната рака упати покана, а со другата ја повлече“, пишува Тим Блек.
Зеленски тешко може да биде изненаден од дволичноста на НАТО. Алијансата вака ја игра Украина во најголем дел од последните три децении. Постојано ја отвора вратата за Украина и истовремено постојано ја затвора.
Во коминикето на НАТО се нагласува дека „НАТО не бара конфронтација и не претставува закана за Русија“ – и дека „ќе бара стабилност и предвидливост во евроатлантската област и меѓу НАТО и Русија'. НАТО бара „стабилност и предвидливост“, но останува на американскиот мастерплан за експанзионизам.
„Оваа геополитичка неразумност е производ на непромислената желба на НАТО да се проширува по крајот на Студената војна. Ова го вовлече во конфликти за кои нема ниту волја ниту можност да ги води. И со тоа вовлече нации на кои не може да им се посвети. Заглавен во свет во кој неговото проширување помогна да се дестабилизира, НАТО сега е суштински некохерентен. Украина штотуку ја открива цената“, пишува Блек.
НАТО беше создаден и обликуван од Студената војна. Помеѓу 1955 и 1991 година се приклучи само една нова членка, Шпанија. Крајот на Студената војна целосно го дезориентираше НАТО, лишувајќи го од основните цели и намени па во 1990-тите беше нејасно ребрендирано како промотор на западните „вредности“ и интереси. Од сегашните 31 член, 15 беа додадени после 1991 година.
Иако им беше јасно дека „Украина во НАТО“ ја провоцира и антагонизира Русија, западните лидери постојано флертуваа со таа идеја.
И така 30 години.
Пред руската инвазија, НАТО активно провоцираше војна која не сакаше да води. Сега пак, ѝ помага на Украина да се бори за иднината зад која одбива да застане.