Тим Блек:

Војници на терен во Украина? Стармер, ај олабави

Британскиот премиер Кир Стармер се чини страда од воена грандиозност, но никаква доза на ароганција не може волшебно да создаде сериозна воена сила.  Учебничкарски пример за лидер без кормило, непопуларен дома а грандиозен на светската сцена заради ПР поени. Најавите за „војска на терен“ не се ништо друго освен позирање што не им носи ништо добро ниту на Британија ниту на Украина.

Премиерот на Обединетото Кралство Кир Стармер се чини решен да испрати британски војници во Украина за да контролираат прекин на огнот со Русија.

Откако пред неколку недели првпат спомна „војници на терен“, Стармер го повтори овој план на вонредниот самит на европските лидери во Лондон.

Потоа рече дека со францускиот претседател Емануел Макрон се подготвени да формираат европска „коалиција на оние кои имаат волја“ за да штитат каков било прекин на огнот во Украина. Стармер не кажа детали, освен дека оваа воена сила ќе ја сочинуваат трупи од „европски и други партнери“.

Во интервју за „Фигаро“, Макрон беше покатегоричен. Очигледно тој и Стармер подготвуваат под носот на претседателот Трамп да турнат предлог за едномесечно примирје меѓу Украина и Русија, а во втората фаза со „европски трупи на украинска територија“.

Британија оттогаш се дистанцираше од овој „француски“ предлог. Во секој случај, Стармер се чини дека страда од заблуди на воена грандиозност. Може колку што сака да подготвува планови за британски сили во Украина. Може да тврди дека стои на „раскрсницата на историјата“ и да изјави: „време е да се дејствува, да се засили и да се води“, ако баш инсистира. Но, никаква доза на ароганција не може волшебно да создаде сериозна воена сила. Британија има само 56.000 војници за распоредување. Нејзините поморски сили се едвај неколку воени бродови, а воздушните сили се минимални.

Тешко е да не се толкуваат зборовите на Стармер за „војска на терен“ како било што освен позирање. Како пример од учебник за лидер без кормило, непопуларен дома, а грандиозен на светската сцена заради пи-ар поени. Како и многу од неговите премиерски претходници, Стармер се чини дека ја користи надворешната политика за домашни цели - како средство за да ѝ ја обезбеди на својата влада привидната цел што толку јасно ѝ недостасува.

Но, проблемите со военото позирање на Стармер се многу подлабоки од воената неспособност на Британија. Дури и ако Обединетото Кралство, благодарение на владините фалени зголемувања на трошоците за одбрана, стекне способност да задржи воено присуство на најдалечените делови на Источна Европа, тоа сè уште не ја прави идејата добра.

Владата на Британија како да заборавила дека токму воените увертири на Западот кон Украина, особено неискреното мафтање со членството во НАТО, помогнаа да се отвори патот за руската инвазија. Путин го искористи тоа како оправдување за неговата неоимперијална агресија во февруари 2022 година.

Идејата дека Москва одеднаш ќе толерира британски и европски трупи на нејзините граници како дел од мировниот договор е пуста желба. Претставниците на Кремљ веќе го осудија предлогот, предупредувајќи дека присуството на војници од земјите на НАТО во Украина ќе се смета за директна закана.

Конечно, единствената вистинска гаранција за идната безбедност на Украина е нејзиниот капацитет за самоодбрана. Жестоката решеност на Украинците да се борат за својата нација (со помош и поддршка од Западот) го хранеше нивниот пркос кон руските напаѓачи. Во меѓувреме, украинската генијалност доведе до значајни иновации на бојното поле.

Наместо да ги фрлаат сопствените граѓани пред закана, западноевропските лидери треба да се фокусираат да им го обезбедат на Украинците она што им е потребно за да се одбранат. Како што вели еден надворешнополитички аналитичар: „Обновената и соодветно снабдена украинска војска би била страшна препрека за Москва“. Фокусот на украинската самоодбрана е уште поважен со оглед на тоа што Стармер и Макрон беа прилично јасни дека секое присуство на западноевропски трупи ќе треба да биде поддржано од САД. Белата куќа на Трамп сугерира дека нема да се случи.

Стармер е во право за едно нешто. По децении деиндустријализација и кратења на трошоците за одбрана, воениот капацитет на Британија е сериозно деградиран. Тој капацитет секако треба да се обнови, како што покажуваат плановите на лабуристите за зголемување на воените трошоци. Но, не да се испратат безброј млади Британци да водат битки илјадници милји далеку или да им се дозволи на британските лидери да се вклучат во големи интервенции за домашно политичко консумирање. Капацитетот треба повторно да се изгради во интерес на националната самоодбрана на Британија.

И тука доаѓаме до уште еден клучен проблем. Нашите културни и политички елити, вклучително и лабуристите, потрошија години управувајќи со Британија. Тие ја проколнаа како непоправливо расистичка нација, родена од гревовите на колонијализмот и империјата. Тие се стремат за повторно нурнување во глобалистичките структури на Европската Унија. Не е важно колку знамиња на Унијата сега ја красат позадината при секој говор на Стармер, тој и сличните на него јасно ја сметаат британската нација како демоде, а патриотизмот како малку сомнителен. Тие навистина немаат никакво чувство што всушност вреди да се брани во Обединетото Кралство.

Ова е производот на бизарниот спектакл во изминатите две недели: премиер што е многу посреќен да зборува за испраќање војници во Украина отколку да го брани националниот суверенитет. Тоа е поза што нема да ѝ донесе ништо добро ниту на Британија ниту на Украина.

Тим Блек, колумнист во Spiked

5 март 2025 - 20:51