Можaт да се повлечат многу историски паралели со „Епскиот бес“ на Трамп против Иран; една од нив е почетокот на Првата светска војна.
Двата конфликта започнаа со нешто што изгледаше како брилијантен план. САД и Израел имаа за цел да го обезглават иранскиот режим уште во првиот ден од војната. Стратегијата на Германија беше да обезбеди брза победа во Франција. Таа беше осмислена осум години претходно, од фелдмаршалот Алфред фон Шлифен; наместо да ја нападнат Франција директно од француско-германската граница, Германците решија да минат низ Белгија и Луксембург за да го опколат Париз во спирална траекторија. Брзината и тогаш и сега беа од суштинско значење.
Заеднички е и оптимизмот: Кајзерот Вилхелм II, во август им рекол на своите војници дека ќе бидат дома пред да паднат лисјата од дрвјата. Млади мажи ги напуштале своите работни места за да одат на фронтот а некои постари, како германскиот социолог Макс Вебер, се жалеле што не можат да заминат и тие.
Трамп предвиде дека војната во Иран е прашање на недели а не на месеци.
Влезена е во вториот месец.
На почетокот, војната на Германија во 1914 година се одвивала според планот. Германците пробиле низ Белгија, влеге во Франција и стигнале на 40 км од Париз. И - толку.
Како што пишува канадскиот историчар Холгер Хервиг за планот на Шлифен:
„Тоа беше фрлање коцки. Немаше резервен план, немаше план Б. Брзината беше критична; доцнењето беше смрт. Секој достапен војник, активен или резервен, беше распореден од првиот ден на мобилизацијата“.
Тука лежи проблемот со големата стратегија: таа се изненадува при контакт со неочекуваното. Реалноста има лоша навика да ги саботира дури и највнимателно изработените планови. На пример, германските трупи едноставно не биле подготвени за летната жега.
Откако Германците се повлекле, започнува долга рововска војна кoja ќе заврши со целосно воено и финансиско исцрпување на Германија.
Доналд Трамп, исто така, нема план Б. Тешко е да се дешифрира дали некогаш имал план А - соборување на иранската влада, слабеење на нејзините нуклеарни капацитети, уништување на неговото регионално влијание....
Американската стратегија за обезглавување успеа на чисто техничко ниво; стариот Хамнеи беше убиен во првите напади. Но, непријателот и неговата способност да ги ескалира работите беа потценети. Иран го затвори Ормускиот теснец и ги нападна земјите од Персискиот Залив кои се сојузници на САД и Израел.
Ги погоди САД таму каде што се најранливи: нивната зависност од глобалната економија и глобалните финансиски пазари.
„Пред некое време заклучив дека Западот е толку зависен од увезените суровини што не е во позиција да води никакви суштински војни со земји како Иран, Русија или Кина. Тоа сега се покажува“, пишува Волфганг Мунчау.
Вели дека ако луѓе како Владимир Путин и Си Џинпинг имаат предност пред западните стратези, тоа е што ги разбираат суровините и синџирите на снабдување многу подлабоко од нив.
Ако Хутите го затворат теснецот Баб ел-Мандеб, каде што Црвеното Море поминува низ Аденскиот Залив, светот ќе биде на работ на најголемата криза со нафтата и синџирот на снабдување досега. Околу 30% од глобалниот контејнерски превоз поминува низ Суецкиот канал.
Мунчау пишува дека и руската инвазија на Украина започна со погрешна пресметка што доведе до долга војна на исцрпување која сè уште не е завршена. Но, за разлика од Германија во 1918 година, Русија не е ни близу до точката на исцрпеност - токму затоа што има поцврсти синџири на снабдување.
Европејците ја поставуваат дебатата за безбедноста исклучиво во однос на војната меѓу Русија и Украина. Се плашат од руски напад повеќе од сè друго но побитна ранливост е нивната енергетска зависност.
„Големата закана од Кина не е тоа што ни продава евтини автомобили, туку тоа што можеби ќе престане да ни продава ретки метали“, пишува авторот.