Не знам колку оваа информација е релевантна, но овие редови ги испишувам седејќи на болнички кревет. Како и касарната или затворот, и болницата е свет за себе, во прилична мерка изолиран, во него важат посебни правила, начелно „построги“ од другите места. Оние другите, кои не се во болница (здрави), касарна (цивили) или затвор (слободни), припаѓаат, од наш агол, во светот на среќните и привилегираните. Сè што ние всушност посакуваме е да излеземе од Установата и да му се придружиме на „нормалниот свет“, оној кој води тн нормален живот. Такво е и моето болничко и касарнско искуство, затворското, за среќа, до сега ме има заобиколено - што набрзо може да се смени, на пример ако го прекршам полицискиот час.
Што всушност писателот во зелена пижама сака да каже? Се разбира дека „приватно“ копнеам да излезам од овде и да си тргнам дома, но сега по прв пат не знам и не можам да бидам сигурен дали надвор ќе бидам послободен и посреќен од внатре.
Надвор, имено, е вонредна состојба и војска на улици, а јас, знаете, ич не сакам вонредни состојби. Затоа што тие, колку и непосредниот повод за нивно воведување да изгледа разумно и оправдано, всушност се преттекст за диктатура. Сериозни и темелни книги се напишани за моќите и чарите на вонредната состојба, од Шмит па натаму. Може ли да биде поинаку? Можеби и може, во земји на длабоко вкоренета демократија во кои ни сегашните генерации ни нивните далечни претци не паметат каква било диктатура (времето на окупацијата башка) и во кои многу клучни работи и стандарди, колку-толку се подразбираат. Србија не е таква земја, таква не е ни една земја од нашето опкружување.
За што јас зборувам? Се разбира дека не зборувам за вирусот корона оти - што па јас знам за него? Се разбира дека е важно што за тоа викаат (сериозни и некомпромитирани) стручњаци а не како му тече фри-џез слободната мисла на некој колумнист, или кој и да е лаик. Значи, не пишувам за вирусот и неговиот табиет туку за човекот и неговото однесување. Има индиции дека некои од припадниците на човековиот вид ќе го надживеат нападот на короната и дека некако ќе треба да се организира општеството после него. Е сега, ќе се враќаме ли на принципите на слободното општество или вонредната состојба толку ќе ни се бендиса што ќе навиваме за некоја нејзина форма, скаменета во вечноста?
Се разбира, не претендирам јас на тоа дека ја знам баш „правата мерка“, меѓу недопустливата лефтерност на една, и претераниот, гушечки штрек и рестриктивност на друга страна- било да е во прашање однесувањето на поединецот или на државите и нивните власти. Би рекол дека во овој момент никој не ја знаа таа права мерка - сите пипаме во темница. Тоа е разбирливо и нормално. Она што исто може да е нормално, ама мене не ми е баш разбирливо, а посебно не можам да видам како тоа може да биде добро и корисно, е кога паниката ќе стане господар на нашите чувства, мисли, зборови и постапки и кога вонредната состојба - третирајте го овој поим во најшироката смисла на тој збор - ќе стане нешто што, како одговорни граѓани, не само го трпиме туку нешто што го бараме и повикуваме..... Така одново ќе се потврди колку кај многумина е тенка и лесно пробојна корката на „демократски уверувања“ и колку лесно се постигнува, некое драстично пореметување на секојдневната животна рутина, во нив да ги разбуди оние кои слободата одма би ја трампале за сигурност. При што во таа трговија ќе се добие гарантирана неслобода и тенка и многу залажувачка сигурност....
Баш како што никој не може да биде сигурен дека ова економско-политичко самоубиство кон кое ита голем дел од светот, навистина ќе ја сопре короната, ама затоа е сигурно дека на оние кои ќе куртулат, животот ќе им го направи помизерен.
Но, да се вратиме дома. Не знам колкумина од вас, од пра-стравот од невидливото, микроскопско непријателство, се подготвени да затворат очи пред една потенцијално фундаментална промена на општествената парадигма која е во тек. Во демократски друштва, значи, политичарите на власт им полагаат сметки на граѓаните. Меѓутоа, кога Вучиќ прети со затворски глоби, затвор и полициски час за оние кои по неговите (прилично произволни и дневно менливи) мерила се неумни, или кога Ана Брнабиќ крши прсти над „слабата дисциплина на граѓаните"', тогаш е јасно дека дошло наопаку време во кое ние ним ќе им полагаме сметки. А ако мислат дека дошло такво време, зошто добога мислите дека некогаш ќе дозволат таквото време да пројде?
Сакам да кажам, да, короната уби илјадници луѓе, можеби ќе убие и милиони. Диктатурите од сите бои, меѓутоа, потепаа и унесреќија многу повеќе луѓе од сите опаки вируси заедно. Мислите на тоа, тоа барем можете да го правите и во својата соба, и под маска, и на пуст остров, или каде и веќе да сте.