Од една страна, западната, Хафингтон пишуваше „во Алепо се случува потполн самрак на човештвото, сириските провладини сили влегуваат во домовите и убиваат десетици цивили, вклучувајќи жени и деца“, УСА Тудеј напиша „цивилите во Алепо се соочени со егзекуции“, а Њујорк Тајмс „додека провладините сили напредуваат, службениците на ОН наведуваат дека добиле голем број извештаи за егзекуции“.
Од друга страна, источната, РТ ја пренесуваше изјавата на Асад „Западот ѝ збори на Русија дека сме претерале во победата против терористите“, самата РТ имаше и свој извештај од градот „прослава на улиците на Алепо по вестите дека сириските власти го освоиле истокот на градот“, а Спутник објави дека „нема потврда за злосторства во Алепо од страна на независни хуманитарни организации“. Разликата во извештаите е и што оваа страна не зборува за „бунтовници“, туку за „терористи“.
„Бидејќи се работи за медиуми што Европскиот парламент ги прогласи за ширители на 'руската пропаганда', за да ја истакнеме проблематиката на медиумска војна нема да ви ги пренесеме вестите од овие медиуми, туку освртот на ситуацијата во Алепо на Роберт Фиск за Индепендент“, пишува Жељка Вучковиќ во Вокс феминае.
Очекувањето на Фиск е дека во следниот период од западните политичари, „експерти“ и новинари многу ќе се чуе за цивилите заробени во Алепо и како тие не можеле да си заминат за време на бомбардирањето од сириските и руските сили, и ќе дознаеме многу за „бунтовниците што ние од Западот - САД, Британија и нашите пријатели во Заливот - ги поддржувавме“.
Фиск дополнува дека овие бунтовници сепак ја вклучуваат и ал-Каеда (во форма на ал-Нусра и ал-Шам), екипата што изврши злосторства против човештвото на 11 септември 2001. Ама денес приказната е друга затоа што, бунтовниците, вклучувајќи ја и ал-Каеда, храбро го бранат источен Алепо, а ние читаме за „добри момци што се борат против лошите и следиме наратив опасен како и 'оружјето за масовно уништување'“.
„Таму во времето на Садам Хусеин, кога малкумина од нас тврдеа дека нелегалната инвазија на Ирак ќе доведе до катастрофа и невидено страдање, и дека Тони Блер и Џорџ Буш нас нè водат на пат без враќање, задолжително моравме секогаш да нагласуваме колку не го поднесуваме Садам и неговиот режим. Моравме постојано да ги потсетуваме читателите дека Садам е една од трите точки на Оската на злото. Вообичаената мантра сега се враќа и мораме да ја повторуваме за да ги избегнеме вообичаените хејт мејлови и малтретирање на кое ќе бидат изложени сите што ќе скршнат од одобрената и длабоко проблематична верзија на сириската трагедија.
Да, Башар ал-Асад брутално уништи огромни делови од своите градови во борбата против оние што сакаат да го соборат неговиот режим. Да, на режимот можеме да му закачиме низа гревови: тортура, убиства, тајни затвори, убиства на цивили, и - ако ги вклучиме и сириските паравоени сили под номинална контрола на режимот - застрашувачки облик на етничко чистење. Да, треба да стравуваме за животите на храбрите доктори во источно Алепо, но и за луѓето за кои тие се грижеле. И да се сетиме како ОН мрачно извести дека ја примиле информацијата за 82 цивили 'масакрирани' во нивните домови во последните 24 часа...
...Но време е да ја покажеме и другата вистина - дека голем број од 'бунтовниците' што Западот ги поддржува се меѓу најсуровите и најнемилосрдни борци на Блискиот Исток. И додека негодувавме за застрашувачката ИСИС за време на опсадата на Мосул (настан сличен на Алепо, иако не би изгледало така читајќи ги нашите наративи), намерно го игнориравме однесувањето на бунтовниците во Алепо“, пишува Фиск.
Роберт Фиск пред неколку недели интервјуираше едно од првите муслимански семејства што избегале од источно Алепо за време на прекинот на огнот. За време на интервјуто таткото дознава дека бунтовниците ќе го егзекутираат брат му, затоа што тој избегал од градот со жената и децата, а ги осудил бунтовниците затоа што ги затвораат школите и го позиционираат своето оружје во близина на болниците. Таткото е човек што не е никаков провладин елемент и во првите денови на опсадата имал дури и позитивни ставови кон ИСИС.
Паралелно со ова, сириските војници изразиле верување дека Американците ќе дозволат силите на ИСИС да си заминат од Мосул за да можат повторно да го нападнат сирискиот режим, а американскиот генерал изразил загриженост поради можноста ирачко-шиитските сили да го спречат враќањето на ИСИС во Сирија преку ирачката граница.
ИСИС успешно ја мина пустината од Ирак во Сирија и повторно ја зазеде Палмира, што нас повторно нè наведува на повеќестрани вистини.
„Речиси секој наслов денес зборува за 'падот' на Алепо во рацете на сириската војска - додека во други околности, сигурно ќе зборуваше дека војската го 'ослободила' градот преземајќи го од рацете на 'бунтовниците' - А во случајот со Палмира зборуваат дека ИСИС го 'ослободи' градот, кога (имајќи предвид дека се работи за опасни убијци) сигурно треба да кажат дека древниот град уште еднаш 'падна' под нивната гротескна власт“, пишува Фиск.
Она што треба да се истакне во овој случај е дека сега ослободители во приказната се луѓе што при првата окупација на градот му ја отсекоа главата на 82-годишен маж што се обидуваше да ги заштити римските богатства на градот од нив.
Уште една нејаснотија за Фиск е зошто кога Русите ги испратија своите воени сили на ИСИС пред Палмира, американските сили не им се приклучија. И дека од некоја причина американските сателити и дронови не ги забележале конвоите на ИСИС, кои креваа огромни облаци прашина низ пустината, како што не забележаа ни во 2015, кога падна Палмира.
Фиск забележува и дека по повеќе месеци осудување на однесувањето на сирискиот режим без споменување на нивните противници во Алепо, организациите за човекови права дури последните неколку дена почнаа во својата критика да ги вклучуваат и 'бранителите' на Алепо.
„Во текот на последните две недели, Фатах ал-Шам фронт (со други зборови ал-Каеда) и Абу Амара баталјонот наводно киднапирале и убиле непознат број цивили што барале да им биде дозволено да ги напуштат своите соседства, да ги поштедат животите на цивилите... Добивме извештаи дека меѓу 30 ноември и 1 декември, вооружените групи на опозициските сили пукале во цивилите што се обиделе да си заминат“, наведуваат ОН.
На крајот од текстот Вучковиќ објаснува: „идејата не ни е да го фингираме вистинското разбирање за судирот во Сирија кој трае од 2011 година, тука она што сакаме да го размрдаме е едностраниот поглед на тамошниот судир, да го размрдаме востановениот став дека САД и нивните сојузници секогаш се во право, како и тоа дека информациите што нам ни се сервираат секогаш се точни, а сметаме дека текстот на Фиск токму тоа го прави. Ова е посебно значајно имајќи ја предвид актуелната расправа за забраната за лажни вести, и пропагандата за руските медиуми за која дебатираа и европарламентарците“.
Снимка од Алепо од 13 декември 2016