Орегон е дел од светот кој треба да биде умерен и ладен - не да врие од топлина. Меѓутоа тој е заробен под „топлотната купола“ која е голем регион на висок притисок, што создава ефект буквално идентичен на експрес лонец. Вчерашните „топлотни бранови“ - неколку денови на повисоки температури од вообичаеното кои го отвораат патот за „топлотните куполи“ - се нешто многу покатастрофално бидејќи планетата се загрева вон каква било препознатливост, на начини кои вистински се закана за нас.
Зошто велам „опасни“? Па, каков е животот под екстремна горештина?
Читав текст за најтоплото место на Земјата, за пакистанскиот Џакобабад. Градот ја има оваа титула заради просечни температури над 52 степени Целзиусови. Запаметете, топлотните куполи на Пацифичкиот северозапад веќе стигнаа на достижна дистанца од тоа, со 46 степени Целзиусови. Портланд и Сиетл веќе достигнаа температури кои се приближуваат до најтоплиот град на светот.
Тоа се климатски промени, или далеку поточно кажано, глобално затоплување. Почнуваме живи да се вариме.
Ако мислите дека е претерување, земете го предвид животот во Џакобабад. Луѓето речиси не излегуваат од дома кога е толку топло. Седат внатре, обидувајќи се колку можат повеќе да останат изладени. Како ви звучи тоа? Многу наликува на затворањето по дома што беше воведено за пандемијата. Ако сакате да разберете како светот ќе изгледа во годините и децениите пред нас, минатата година е застрашувачки добар пример. Екстремната горештина многу наликува на пандемиското затворање по дома, бидејќи и двете се катастрофи кои се на раб да не можеме да ги преживееме.
Џакобабад крчка со месеци. Топлотните куполи во Портланд, Ванкувер и Сиетл ќе ги снема. Меѓутоа тоа е дистинкција што не прави многу разлика, бидејќи најверојатно до година топлотните куполи ќе се вратат и ќе траат подолго. И следната година исто. Тоа е животот на планета која рапидно се загрева.
Што ќе се случи кога во Џакобабад ќе стане уште пожешко? Што ќе се случи кога Пацифичкиот северозапад ќе минува низ се подолги и почести топлотни куполи?
За ова треба да се разбере концептот на „температура на мокар термометар“, кој го мери топлотниот стрес врз живите организми. Кога ќе го покриеш термометарот со мокра крпа, ја мериш температурата на која потта го лади телото со испарување. Или како што објаснува климатскиот научник Сајмон Луис „луѓето не можат да издржат долгорочна изложеност на мокар термометар температури над 35 степени Целзиусови бидејќи над таа граница немаме начин како да ги ладиме нашите тела. Дури ни во сенка, дури ни со неограничена количина вода“.
Дали ви е јасно? Над 35 степени Целзиусови при влажност од 100% ти си мртов. Брзо. Не можеш да се оладиш себе си. Почнуваат органи да ти откажуваат, буквално почнуваш жив да зовриваш од внатре, како што твоите протеини се распаѓаат.
До сега, оваа температура на мокар термометар е постигната на само неколку места на неколку часа - до сега. Меѓутоа сега минуваме низ драматично масовно затоплување како планета. Затоплување кое само екстремисти и идиоти можат да го негираат. Може само да помислиш колку е потопло станато летово каде и да си за буквално да сфатиш колку многу е затоплена нашата планета. И ќе ја минеме таа линија. Никој не може да каже кога. Меѓутоа тоа што може да кажеме е дека се движиме кон тоа со брзина на светлината, побрзо од кој што и да замислува. Портланд и Ванкувер стана жешки како и најтоплите места на Земјата?
Како што ќе ја надминуваме границата од 35 степени Целзиусови на мокар термометар, така во делови од светот едноставно нема да може да се живее. Како што вели Луис „се случува нешто навистина застрашувачко: создавање на горештина во која не може да се живее.“
Што се случува кога ќе ја минеме таа граница? Ќе си помислиш, само климата ќе ја вклучам на посилно. Погрешно! На еркондишните им е потребна ниска влажност за добро да работат, а колку повеќе влажноста се зголемува, толку понапорно тие треба да работат. Во меѓувреме колку понарпоно работи твојата клима, толку повеќе е оптоварена електричната мрежа, која заради преголемата побарувачка нема да може да постигне и редовно ќе има прекини - исто како што се случува во Џакобабад, или како што се случи во Портланд и Ванкувер.
Немаме технологија која ќе ни дозволи комфорно да живееме на планета која врие. Знам дека мислите дека имаме, затоа што, како мене, и вие ги користите благодатите на еркондишните. Вистината е дека таа технологија функционира во многу тесен опсег на услови, од 10 до 37 степени целзиусови, со релативно ниска влажност. Од зовривањето нема да можеме живи да се извлечеме со клима уреди.
Наместо тоа, во цели региони од планетава, како што вели Луис, нема да може да е живее. Некои места ќе минуваат низ редовни топлотни куполи. Други, како Џакобабад, ќе бидат премногу жешки, низа цела година. А некои ќе имаат посуви горештини кои создаваат мега-пожари, одново и одново. Ќе има многу, премногу, начини на кои на некои места ќе биде невозможно да се живее.
Овие места ќе бидат побројни отколку што мислиме. Сите оние климатизирани стаклени кули во Мајами? Со среќа нека им е како што планетата станува се потопла. Сите оние челични и стаклени облакодери на Менхетен? Со среќа нека и е на електрична мрежа која троши повеќе струја отколку целосното снабдување на Источниот брег.
Што се случува кога во едно место нема да може да се живее? Масовно ниво на пореметување. Луѓето веќе бегаат од Џакобабад. Како што продолжува одливот на човечки капитал, нарушувањата се случуваат на три нивоа. Местото од каде луѓето си заминуваат станува посиромашно и понестабилно. Местото кон кое бегаат обично не ги сака таму, посебно ако доаѓаат со ништо.
А тие ќе доаѓаат со ништо, бидејќи сите овие климатски бегалци и мигранти, главно имаат еден вистински имот, ако се среќни, а тоа е нивниот дом. Меѓутоа ако мораш да го напуштиш местото затоа што станало премногу топло за да се живее таму... тогаш никој не го купува твојот дом. Тој е безвреден. Честито, сега си нешто како воен бегалец, кој бега со алиштата што ги има на себе.
Како што општествата се соочуваат со вакви препреки тие имаат тенденција да се дестабилизираат. Ајде да зборуваме за уште еден ефект на екстремната горештина и затоплување – мега-сушата со која се соочува американскиот запад. Во моментов најголемиот дел од нас се преправаат дека не е голем проблем. Тоа е затоа што се уште имаме неколку оскудни ресурси за искористување. Меѓутоа кога водата ќе ја снема, тоа е трајно. Како ќе преживеат градови како Лас Вегас и Лос Анџелес? Класичниот шаблон е следниот: руралните места први страдаат од ефектите на сушата и изгладнувањето, потоа тие почнуваат да се придвижуваат навнатре, кон побогатите и поразвиени урбани центри. Сега, мега сушата на Западот најмногу се чувствува во некогашните бујни земјоделски долини на Калифорнија. Но како што се шири на исток и запад, како рак, како што сигурно ќе се рашири - тогаш што?
Тогаш... катастрофа. Тогаш ќе има уште цела една категорија на бегалци за кои никогаш не си размислувал. И тоа не се луѓе кои бегаат од екстремна горештина, туку луѓе кои бегаат во потрага по свежа вода. Како да ги наречеме овие нови категории на мигранти и бегалци? Немаме ни имиња за нив - а сепак овие промени веќе нè стигнаа. И тоа е поентата.
Сега веќе живееме на планета која умира. И таа не умира во крајна смисла - веројатно не иако се уште има шанса да завршиме со циклус на нескротливо затоплување како на Венера. Ние живееме на планета која умира во смисла дека таа се загрева неверојатно брзо, побрзо отколку што било во изминатите милиони години, веројатно побрзо од кога и да е.
И како што планетата продолжува за се загрева, побрзо и побрзо, живите работи ќе почнат да умираат. Многу и многу од нив. Илјадници милијарди од нив. Дрвја, инсекти, животни, риба. Реки, океани, небото, ако ги сметате и нив за живи работи. И ние.
Тоа што е сигурно дека нема да преживее е овој начин на живот. Ние не можеме да ги користиме технологиите што сега ги имаме за борба со егзистенцијалните закани кои се на нашиот праг. Не можеш да климатизираш зовриена планета. Не можеме да ги користиме културните вредности, норми и институции за да се бориме против материјализмот, алчноста, себичноста, невнимателноста, индиферентноста и.тн.
И, на што сме? Веројатно веќе го насетувате мојот одговор. Ова не е топлотен бран, ова е планета што умира. Сега почнува колапсот на нашата цивилизација. Кога Портланд и Сиетл се речиси топли како Џакобабад - најтоплото место на светот - кое самото станува толку топло што наскоро буквално нема да може да се преживее... тогаш, драги пријатели, ние сме цивилизацијата која буквално се зовре себе си жива. Во согорувањето и издувните гасовите од нашата зависност од искористување, предмети, играчки, омраза, гнев, и сите начини на кои се обидуваме да им избегаме на нашите демони на самотија, очај, игнорантност и безмоќност.
Ние живееме на планета која умира. Претпоставувам дека тогаш прашањето е: кој ќе преживее?