Министерството за правда на САД деновиве се испразни со уште една масовна транша од таканаречените досиеја на Епстин: три милиони страници, 180.000 слики и 2.000 видеа. Претходно веќе беа достапни стотици илјади документи, меилови и фотографии.
Медиумите со денови се опседнати со пребарувања, барајќи скандалозни информации кои ќе дискредитираат познати луѓе од политичките и други елити.
Многумина се надеваат дека оваа последна депонија конечно ќе ги закопа нивните политички противници, без разлика дали тоа е Доналд Трамп, Бил Гејтс, Бил Клинтон... Не се малку и оние кои веруваат дека овие досиеја го разокриваат завереничкиот начин на кој тајно се упраува со светот.
Несомнено е дека во фајловите има многу гадни работи кои ни даваат уште еден поглед во светот во кој богатите и моќни мажи можат да експлоатираат девојки и жени и во кој глупави и лакоми европски аристократи го трампаат својот статус за женски и кеш.
Но, во сите тие силни фајлови има многу индиции но малку докази потребни за покренување истрага. Глупавоста, лакомоста и моралната одвратност сè уште не се кривични дела.
„Опсесијата со досиејата на Епстин му штети на јавниот живот. Да, таа одразува заслужената недоверба кон политичката класа и владејачките елити. Зборува за многу реалното чувство дека тие живеат животи кои се целосно отуѓени од нашите. Но, на крајот ризикува да го насочи праведниот бес против естаблишментот во ќорсокакот на цинизмот и теориите на заговор“, пишува Тим Блек.
Тој вели дека раскринкувањето на злоделата на моќните е она што треба да го прави новинарството. Но опсесијата со Епстин се претвори во банално оцрнување на луѓе, со инсинуации и асоцијации. Убеден е дека и со оваа најново обелоденета транша, нема многу повеќе да се открие, освен уште по некоја фотографија од принц по гаќи.