Во октомври бев во Англија и дадов интервју за Емпајар магазинот. Ми поставија прашање за филмовите на Марвел. Јас го одговорив прашањето. Реков дека сум пробал да изгледам неколку од нив и дека тие не се за мене, дека мене ми изгледаат како да се поблиски до забавните паркови отколку што се до филмовите какви што јас ги знам и какви што сум ги сакал низ животот, и дека во таа смисла, не мислам дека тие се кинематографија.
Некои луѓе изгледа се фатија за последниот дел од мојот одговор како навреда или како доказ за омраза кон Марвел од моја страна. Ако нечија намера е да ги карактеризира моите зборови на таков начин, нема нешто што јас би можел да преземам за да го спречам тоа.
Голем број франшиза филмови се направени од луѓе со значителен талент и имагинативност. И тоа можете да го видите на платно. Фактот дека самите филмови не ме интересираат е работа на личен вкус и темперамент. Знам дека ако бев помлад можеби ќе бев возбуден од овие филмови и можеби ќе сакав и јас самиот да снимам еден од нив. Меѓутоа јас израснав во време кога израснав и развив чувство за филмови - или она што беа или што можат да бидат - кое е оддалечено од Марвел универзумот колку што ние на Земјата сме далеку од Алфа Кентаур.
За мене, за филмаџиите што ги засакав и ги почитувам, за моите пријатели кои почнаа да снимаат филмови во исто време како и јас, кинематографијата беше откривање - естетско, емоционално и духовно откритие. Се работеше за ликови - комплексноста на луѓето и нивната контрадикторност и понекогаш парадоксална природа, начинот на кој можат да се повредат еден со друг и да се сакаат еден со друг и одеднаш да се соочат со себе си.
Се работеше за конфронтирање на неочекуваното на платното, а во животот тоа го драматизираше и пренесуваше и зголемуваше чувството на она што беше возможно во уметничката форма.
И тоа беше клучно за нас: тоа беше уметничка форма. Тогаш се дебатираше околу тоа, па ние застанавме зад кинематографијата како рамна на литературата или музиката или танцувањето. И со тек на време откривме дека уметноста може да биде откриена на многу различни места и во многу форми - во „The Steel Helmet“ на Сам Фулер и „Persona“ на Ингмар Бергман, во „It’s Always Fair Weather“ на Џин Кели и Стенли Донен и „Scorpio Rising“ на Кенет Ангер, во „Vivre Sa Vie“ од Жан-Лук Годар и „The Killers“ од Дон Сигел.
Или во филмовите на Алфред Хичкок - претпоставувам би можело да се каже дека Хичкок е посебна франшиза. Или дека тој беше нашата франшиза. Секој нов Хичкок филм беше настан. Да се биде во преполна сала во некое од старите кина и да се гледа „Rear Window“ е извонредно искуство: ова беше настан создаден од хемијата меѓу публиката и самиот филм.
На некој начин, одредени филмови на Хичкок исто така беа како забавни паркови. Тука мислам на „Strangers on a Train“ во кој климаксот се случува на една вртелешка во вистински забавен парк, и „Психо“ кој го гледав на полноќна проекција на денот на премиерата, искуство кое никогаш нема да го заборавам. Луѓето беа изненадени и возбудени, но никогаш разочарани.
Шеесет или 70 години подоцна, ние се уште ги гледаме овие филмови и им се восхитуваме. Меѓутоа дали им се враќаме заради возбудата и шоковите? Мислам не. Сегментите од „North by Northwest“ се неверојатни, но мислам дека тие нема да бидат ништо повеќе од след на динамични и елегантни композиции и секвенци без болните емоции во средиштето на приказната и апсолутната изгубеност на ликот на Кери Грант.
Климаксот на „Strangers on a Train“ е достигнување, но меѓусебната игра на двата главни ликови и длабоко вознемирувачката глума на Роберт Вокер е она на што сега се сеќаваме.
Некои велат дека филмовите на Хичкок имаат одредена едноличност во себе, и тоа можеби е точно - и самиот Хичкок се прашуваше истото. Меѓутоа едноличноста на денешните франшиза филмови е нешто сосема друго. Голем број од елементите кои ја дефинираат кинематографијата каква што јас ја знам, ги има во филмовите на Марвел. Она што го нема е откритие, мистерија или автентична емотивна опасност. Не постои ризик за ништо. Филмовите се направени да задоволат одредена листа на барања, и тие се дизајнирани како варијација на ограничен број теми.
Има продолженија по име но во дух тие се римејкови, и сè во нив е официјално одобрено бидејќи реално не може да биде никако поинаку. Тоа е природата на модерните филмски франшизи: истражувани на пазарот, тестирани пред публика, проверувани, модификувани, повторно проверувани и ремодифицирани се додека не се спремни за консумирање.
Друг начин да се каже ова е дека тие се сè што филмовите на Пол Томас Андерсон или Клер Денис или Спајк Ли или Ари Астер или Кетрин Бигалоу или Вес Андерсон, не се. Кога гледам филм од кој било од овие филмаџии, знам дека ќе видам нешто апсолутно ново и ќе бидам однесен на неочекувани и можеби неименувани пространства на искуство. Дека моето чувство за она што е возможно во раскажувањето приказни со подвижни слики и звук, ќе биде проширено.
Па, можеби ќе прашаш, што ми е проблемот? Зошто едноставно не ги оставам на раат филмовите со суперхерои и другите франшиза филмови? Причината е едноставна. На бројни места во земјава и низ светот, франшиза филмовите сега се твојот главен избор ако сакаш да гледаш нешто на големото платно. Ова е опасно време за филмските проекции, и има помалку независни кино-сали од кога и да е. Равенката се промени и стримингот стана главен систем за испорака. Сепак, јас не познавам ниту еден филмаџија кој не би сакал да снима филмови за големото платно, и да бидат проектирани пред публика во кино-сали.
Ова ме вклучвуа и мене, и јас зборувам како некој кој самошто сними филм за Нетфликс. Тие, и само тие, ми дозволија да го направам „The Irishman“ на начин на кој требаше да биде направен, и за тоа секогаш ќе бидам благодарен. Имаме и кино проекции, што е одлично. Дали би сакал филмот да биде емитуван на повеќе големи платна на подолго време? Секако дека би сакал. Но без разлика со кого го правиш филмот, факт е дека кино салите во најголемиот дел мултиплекси се преплавени со франшиза филмови.
И ако ми кажеш дека тоа просто се должи на понуда и побарувачка и да им го дадеш на луѓето тоа што го бараат, јас нема да се согласам со тебе. Се работи за јајцето и кокошката проблемот. Ако на луѓето им е понудена само една работа и непрестајно им се продава само една работа, секако дека тие ќе сакаат уште повеќе од истата таа една работа.
Но, може ќе кажеш, не може ли тие да си одат дома и да гледаат што сакаат на Нетфликс или Ајтјунс или Хулу? Секако - можат секаде освен на големото платно, каде филмаџијата имал намера нејзиниот или неговиот филм да биде виден.
Во последните 20 години, како што знаеме, филмската индустрија се промени на сите фронтови. Меѓутоа најкобната промена се случи неприметливо, под закрила на ноќта: постепеното но константно елиминирање на ризикот. Многу филмови денес се перфектен производ создаден за веднаш да биде консумиран. Голем дел од нив се добро направени од тимови на талентирани поединци. Сепак ним им недостасува нешто клучно за кинематографија: обединувачката визија на индивидуален уметник. Бидејќи, секако, индивидуален уметник е најризичниот фактор од сите.
Секако не сакам да кажам дека филмовите треба да бидат субвенционирана уметничка форма, ниту дека некогаш биле. Кога холивудскиот студио систем беше здрав и жив, тензиите меѓу уметниците и луѓето кои управуваа со бизнисот беа константни и интензивни, меѓутоа тоа беа продуктивни тензии од кои излегоа некои од најголемите филмови на сите времиња - по зборовите на Боб Дилан, најдобрите од нив беа „херојски и визионерски“.
Денес тензијата ја нема, а има некои што се во бизнисот што имаат апсолутна индиферентност кон самото прашање за уметност и став кон историјата на кинематографијата кој истовремено е и игнорирачки и присвојувачки - смртоносна комбинација. Ситуацијата, за жал е дека сега имаме две одделни полиња: Има глобална аудиовизуелна забава, и има кинематографија. Тие и понатаму се преклопуваат од време на време, ама тоа станува сè поретко. И се плашам дека финансиската доминација на едното се користи за маргинализирање, па дури и омаловажување на постоењето на другото.
За секој што сонува да снима филмови или што допрва почнува, ситуацијата во моментов е брутална и непријателски настроена кон уметноста. И самото тоа што ги напишав овие зборови ме исполнува со ужасна тага.