Мачеништвото на Хамнеи го зајакна Иран

Ајатолахот Хамнеи со својата смрт можеби постигна повеќе за Исламската Република отколку со 40-години сурово владеење. Подмолното убиство со бомби од САД и Израел додека постел за Рамазан и го бранел Иран го воздигна во маченик – статус кој во шиитската теологија претвора политички порази во морални победи и го засилува отпорот. 

За секуларните Иранци, Саид Али Хамнеи беше брутален диктатор кој владееше со железна тупаница. Многумина, особено во дијаспората, ја прославија неговата смрт со шампањ и танцување по улици, со надеж дека ќе води кон подобра иднина.

Но, за поддржувачите на Исламската Република и за шиитите воопшто, ликвидацијата на ајатолахот го направи симбол на мачеништво. Смртта на Хамнеи токму за време на Рамазан потсетува на убиството на првиот имам Али, кој е централна фигура во теологијата на шиитите. Со смртта на Али, убиен со отровен меч за време на рамазанска молитва, кулминираше првата Фитна – исламска граѓанска војна, која шиитите ја сметаат за политички заговор за промена на режимот и за подем на Умејадскиот Калифат. 

Во четирите децении на власт, Хамнеи - „Саид“ или директен потомок на Али - се претставуваше себеси како чувар на револуционерната побожност и беше персонификација на отпорот. Начинот на кој беше убиен, преку ноќ го воздигна во статус на Имам-е Шахид - „маченички светец“.

Оваа симболика е многу поважна отколку што многу западни стратези се чини дека разбираат. Во шиитската политичка теологија, мачеништвото не е загуба, туку преобразба. Тоа го претвора политичкиот пораз во морална победа и ги трансформира паднатите лидери во извори на моќ и обнова. 

Атентатот на Хамнеи веќе се покажа како мобилизирачка сила за неговите милиони следбеници. САД и Израел се надеваа дека убиството на врховниот лидер ќе го разбие кревкиот режим во Техеран и ќе ја ослабне политичката решителност низ Исламската Република, до степен на народно востание.

Наместо тоа, неговата смрт ги зајакна активните поддржувачи на режимот - можеби една четвртина од 93-те милиони жители на Иран – и во исто време поттикна силно антиамериканско расположение и отворен бунт меѓу шиитите од Бахреин и Ирак до Пакистан и Кашмир.

Охрабрен од успехот да го грабне Николас Мадуро и да го промени режимот во Венецуела, Доналд Трамп можеби претерал кога го очекува истото и од Иран. И покрај тактичката и разузнавачка доминација на САД, обезглавувањето на режимот во Техеран не постигна никакви стратешки цели. Квази-тоталитарниот Иран не е Ирак на Садам од 2003 година ниту Либија на Гадафи од 2011-та, па дури ни чавистичката Венецуела под Мадуро.

Под својата исламистичка и револуционерна фасада, Иран е цивилизациска колевка со длабок институционален континуитет што се протега со милениуми, и моќна индустриска база. Историското педигре на Иран е подлабоко од западниот модел на национална држава. А, сегашниот режим е прекален во децении на војни, санкции и внатрешни превирања.

Затоа мачеништвото на Хамнеи му дава на Техеран ретка стратешка предност и служи како моќен мотор на политичка солидарност. Иран сега се смета за „праведна жртва“, што ја фрла во сенка пошироката криза на легитимитетот на режимот.

Во таа смисла, смртта на Хамнеи на крајот може да го зајакне идеолошкото јадро на Исламската Република повеќе отколку што го направи неговото децениско владеење. И покрај тоа што милиони Иранци го сметаат за лично одговорен за смртта на илјадници демонстранти, милиони други го оплакуваат по улиците.

Она што ајатолахот тешко можеше да го постигне во својот живот сега го постигнува со својата смрт – го обнови револуционерниот жар. 

Арта Моеини

5 март 2026 - 16:31