Климатските промени се скандал од 16.000 милијарди долари

Научникот за животна средина Бјорн Ломборг неодамна пресмета дека владите низ целиот свет потрошиле најмалку 16.000 милијарди долари за поддршка на индустрискиот комплекс за климатските промени. Тоа збогати многу луѓе, но веројатно не бил или нема да биде спасен ниту еден живот од оваа колосална погрешна распределба на човечките ресурси. 

Откако почна крстоносната војна против глобалното затоплување пред околу 30 години, температурата на планетата не е променета за една десетина од степен. Тоа денес ќе го признаат дури и климатските активисти. Потрошени се 16.000 милијарди долари, но нема ниту еден цент мерлива отплата. Многумина екстремно се збогатија од дарежливоста на владата, а походот против безбедните фосилни горива одзеде многу животи во сиромашните земји и ги направи уште посиромашни.

Во економијата постои концептот „трошок на алтернатива“: Што можело да се направи со толку пари за да биде светот подобар? Што ако беа потрошени 16.000 милијарди за чиста вода за сиромашните земји? За спречување смртни случаи од болести како маларија? За градење училишта во африкански села за искоренување на неписменоста? За приклучок за струја за повеќе од 1 милијарда луѓе? За лекување на ракот?

Можеше да се спасат милиони животи. Можевме да извлечеме уште милиони од сиромаштија. Придобивките од развивање лек за ракот можеа да додадат десетици милиони дополнителни години живот со економска вредност од десетици билиони долари. Наместо тоа, ефикасно истуривме 16 билиони во канализацијата, пишува во колумна Стивен Мур, поранешен уредник во Вол стрит журнал и главен економист во Институтот за економска слобода и можности. 

Тој оценува дека поради сето ова, синдромот на зелено растројство на „климатските промени“ можеби е најнехуманото политичко движење во историјата.

За создавање и спроведување на Зелениот нов договор, одговорноста е на луѓе од Сиера клубот, Фондот за заштита на животната средина и Обединетите нации, и политичари како потпретседателот Ал Гор, претседателот Џо Бајден и сенаторот Џон Кери. Само администрацијата на Бајден потроши 400 милијарди долари за зелена енергија и други лажни програми за климатски промени.

Единствената добра вест можеби е тоа што неврозите за климатските промени конечно почнаа да се смируваат. Америка дефинитивно го достигна врвот на лудоста со глобалното затоплување, па дури и Европа се чини дека ѝ го сврте грбот на својата економски мазохистичка опсесија со нула емисии од фосилни горива. 

Од сите економски политики на Доналд Трамп насочени кон раст, можеби нема ниту една со поголеми долгорочни придобивки од укинувањето на „мајката на сите скапи регулативи“ - оданочувањето на емисиите на јаглерод диоксид. Цената на таа регулатива се проценува дека ќе надмине 1.000 милијарди долари со текот на времето. 

Не можеме да ги вратиме 16-те билиони долари потрошени на лажна криза. Што потонало - потонало. Но, може да го запреме лудото верување дека политичарите, кои не можат ниту да го отплатат салдото на своите кредитни картички, можат да ја променат температурата во светот, забележува Мур.

20 февруари 2026 - 10:02