Со децении европските лидери веруваа дека нивната безбедносна средина е загарантирана со три столба: американска воена супериорност, кохезијата на НАТО и маргинализираната Русија.
Војната во Украина привремено ја одржа оваа илузија. Европската Унија ја толкуваше инвазијата врз Украина како потврда на атлантскиот поредок по 1991 година, доказ дека на Европа ѝ треба НАТО, посилно американско лидерство, повеќе трошоци за одбрана и поголемо идеолошко усогласување со Вашингтон.
Но, како што конфликтот се развиваше, а особено по новата политичка динамика во Вашингтон, на површината се појави подлабока реалност: визијата на Европа за безбедност не беше усогласена со долгорочната стратешка траекторија на Америка.
Вашингтон се стреми да ја ограничи Кина; Европа се стреми да ја ограничи Русија. Вашингтон гледа кон Индо-Пацификот; Европа се држи до својата источна граница. САД ја гледаат Русија како потенцијален соиграч во глобалната екстракција на ресурси; Европа продолжува да ја смета за вечен егзистенцијален непријател.

Враќањето на Доналд Трамп драматично ги забрза овие отстапувања. Стратешката пренемена на Русија од противник во потенцијален соработник предизвика паника во Европа. За ова придонесоа и спремноста на Трамп да ги поткопа обврските кон НАТО, јавната недоверба кон европските лидери и разбирањето на геополитиката како деловна дипломатија.
Понижувањето на Европа од страна на Трамп е намерно. Со постојаното испраќање на Виткоф, советник без дипломатски обврски, во Москва, додека го игнорира Киев, Трамп сигнализира дека центарот на гравитација се поместил. Мировниот процес нема да се посредува преку Брисел, Берлин или Париз, туку преку оската Вашингтон-Москва, целосно заобиколувајќи ги европските институции, забележува Рикардо Мартинс, експерт за политики на ЕУ и меѓународни односи.
Одбивањето на Европа да разговара со Москва не се толкува како принципиелен отпор, туку како стратегиско самоубиство. Како што предупредија многу аналитичари - и наклонети и критичари, Европа предоцна открива дека нејзината безбедност не може да се одржува преку морална реторика, санкции или вооружување без индустриска основа. Европа сака да ја ограничи Русија, но повеќе нема политички, воени или економски алатки за тоа.
Новото разбирање меѓу Вашингтон и Москва се темели на четири економски столба: Екстракција на ресурси од Арктикот и Северниот морски пат; пробивањето енергетски коридори и повоена реконструкција на Украина како можност за градежни и енергетски фирми; реинтеграција на руската енергија на глобалните пазари; и замена на воената логика на НАТО со економска меѓузависност, која го намалува поттикот за вооружена конфронтација.
Европа, пак, е соочена со три болни вистини: Не може да се одбрани без САД, затоа што нема муниција, индустриски капацитети и врвна воена технологија; санкциите ја ослабнаа повеќе од Русија, бидејќи индустријата ѝ беше зависна од рускиот гас; и отсуствува од креирањето на мировниот договор со Москва.

НАТО нема да исчезне. Премногу длабоко е институционализиран, премногу симболично моќен за Европејците и премногу корисен за Вашингтон и неговиот извоз на оружје. Но, ќе биде деградиран, трансформиран од јадрото на европскиот безбедносен поредок во секундарна рамка, сè повеќе зависен од политичката волја на САД, фрагментираниот европски одбранбен сектор, намалениот американски ентузијазам за европските обврски и врските на Вашингтон и Москва.
Европа нема да може да ја одржи архитектурата без САД на краток или среден рок. Нема автономија за нуклеарно одвраќање, воено-индустриска длабочина, кохезивна политичка волја, стратешки консензус, енергетска безбедност, технолошка паритет со САД и капацитет да ја сопре Русија без американско водство.
Идејата за европска стратешка автономија останува реторика. ЕУ има воени инструменти, но не и војска. Има амбиции, но не и индустриска база за да ги одржи.