Крис Хеџис

Израел е на пат да ја испразни Газа

Прашањето повеќе не е дали туку кога и каде ќе бидат депортирани Палестинците од Газа. Израелскиот врв се двоуми дали да ги префрли во Египет или пак да им најде нов „дом“ во Африка. Потоа само ќе треба да дојдат багерите да израмнат и да се посее трева, базени и туристички комплекси за ривиерата на Трамп. Само, стварно ли веруваат дека тоа ќе стави крај на палестинската и арапска приказна?

Израел е подготвен да ја спроведе најголемата кампања за етничко чистење од крајот на Втората светска војна. 

Од 2 март ја блокираше сета храна и хуманитарна помош за Газа и ја исклучи струјата, така што и последната пречистителна станица за вода веќе не работи. Израелската војска зазеде половина од територијата - Газа е долга 40 километри а широка 6 до 8 - и две третини се под наредба за раселување, направи „забранети зони“, вклучувајќи го и пограничниот град Рафа, кој е опколен од израелски војници. 

Министерот за одбрана објави дека Израел ќе ја „интензивира“ војната против Хамас и ќе го употреби сиот воен и цивилен притисок, вклучително и евакуација на населението во Газа на југ за спроведување на планот за доброволна миграција на Доналд Трамп. 

Од израелското унилатерално завршување на прекинот на огнот на 18 март - што Израел никогаш не го почитуваше - државата врши немилосрдни бомбардирања и гранатирања против цивили, убивајќи над 1.400 Палестинци и ранувајќи над 3.600, според палестинското Министерство за здравство. Според Обединетите нации, дневно се убиваат во просек по сто деца. 

Истовремено, Израел поттикнува тензии со Египет за да постави терен за масовно протерување на Палестинците во египетскиот Синај. Министерот за финансии Безалел Смотрич, рече дека Израел нема да ја укине блокадата додека Хамас не биде „победен“ и додека не бидат ослободени преостанатите 59 израелски заложници. 

„Зрно пченица нема да влезе во Газа“, вети тој.

Меѓутоа, никој, ни во Израел ни во Газа, не очекува Хамас, кој го издржа уништувањето на Газа и остана смртоносен, да се предаде или да исчезне. 

Прашањето повеќе не е дали туку кога и каде ќе бидат депортирани Палестинците од Газа. Израелското раководство очигледно е растргнато помеѓу сценариото да ги префрли во Египет или пак да ги испраќа во земји од Африка. 

САД и Израел веќе стапија во контакт со три источноафрикански влади - Судан, Сомалија и отцепениот регион на Сомалија познат како Сомалиленд - за да разговараат за сместување на раселените Палестинци. Последиците од големото етничко чистење ќе бидат катастрофални, ќе ја загрозат стабилноста на арапските режими кои се во сојуз со Вашингтон и ќе предизвикаат бури од протести во арапските земји. Тоа најверојатно ќе значи прекин на дипломатските односи меѓу Израел и неговите соседи Јордан и Египет, кои се веќе блиску до точката на прекин, и регионот ќе се турка сè поблиску до војна.

Израелските власти отворено повикуваат на „доброволно префрлање“ на Палестинците во Египет опишувајќи го тоа како „практично и ефикасно решение“. Притоа ја споредуваат огромната густина на Газа -појасот е едно од најгусто населените места на планетата - со огромните „неискористени територии“ во египетскиот северен Синај а Палестинците се потсетуваат и дека имаат заедничка култура и јазик со Египет, што ја прави секоја депортација „природна“. 

Неволноста на Египет деа ја прифати оваа идеја ја објаснуваат со профитите кои ги прави од шверцерските операции преку тунелите и преминот Рафах.

Дел од сценариото веќе се изведува. Палестинците строго се држат во зоните кои потоа се бомбардираат а истовремено долж границата со Египет им се оставаат порозни канали за евакуација. 

Кај и да е, тоа ќе доведе до клинч со египетската војска, фрлајќи го во криза египетскиот режим на Абдел Фатах Ел-Сиси, кој го опиша секое етничко чистење на Палестинците во Газа како „црвена линија“.

Арапскиот гнев- гнев на кој бев сведок во текот на изминатите неколку месеци за време на посетите на Египет, Јордан, Западниот Брег и Катар - ќе експлодира во оправдан бес ако се случи масовна депортација. Овие режими, едноставно, за да се задржат на власт, ќе бидат принудени да дејствуваат. Терористичките напади, без разлика дали се од организирани групи или осамени поединци, ќе се множат против против израелските и западните цели, особено САД.

А геноцидот е идеална почва за регрутација на исламски милитанти.

Што Израел и Вашингтон мислат дека ќе се случи кога Палестинците ќе бидат протерани од земјата во која живеат со векови? Како тие мислат дека ќе одговори народот кој е очаен, лишен од надеж и достоинство, кој е касапен од една од технолошки најнапредните армии на планетата? Дали мислат дека создавањето дантеовски пекол за Палестинците ќе го затапи тероризмот, ќе ги спречи самоубиствените напади и ќе поттикне мир? Дали не можат да го сфатат гневот што се бранува низ Блискиот Исток и како тој ќе всади омраза кон нас што ќе трае со децении?

Геноцидот во Газа е најголемото злосторство на овој век. Тоа ќе му се врати и ќе го прогонува Израел. Ќе се врати и нас да нè прогонува. На наш праг ќе го доведе злото што им го приредивме на Палестинците. Што ќе посееш, тоа ќе жнееш. 

А посеавме минско поле на омраза и насилство.

Крис Хеџис

13 април 2025 - 09:47