Моментално слушаме многу славје од медиумите, Белата куќа и Вол Стрит за тоа како невработеноста е "намалена" на 5,6%. Навивањето за оваа бројка е заглушувачко. Медиумите обожуваат "камбек" приказни, Белата куќа сака да ќари политички поени, а Вол Стрит сака вие да останете на пазарот.
Никој од нив нема да ви го каже ова: ако вие, член на семејството или кој и да е, е невработен и последователно на ова се има откажано од барање работа - ако си толку очајно невработен што во изминатите четири седмици си престанал да бараш вработување - Департманот за труд тебе не те брои во невработените. Токму така. Иако си најневработен што можеш да бидеш, и трагично можеби никогаш повеќе нема да можеш да најдеш работа, тебе не те сметаат во бројката што постојано ја гледаме во вестите - моментално 5,6%. Моментално околу 30 милиони Американци или не се вработени или сериозно се недоволно ангажирани. Верувајте ми, најголемиот дел од овие на прават забави за да го прослават "падот" на невработеноста.
Има и друга причина зошто официјалната стапка наведува на погрешен заклучок. Да речеме дека си невработен инженер или здравствен работник или градежник или продавач: Ако имаш минимум еден час работа неделно и си платен најмалку 20 долари - да речеме некој ти плати да му го искосиш тревникот - тебе официјално не те бројат како невработен во пријавените 5,6%. Малку Американци го знаат ова.
Нема друг начин како да се каже ова. Официјалната стапка на невработеност, која немилосрдно го прескокнува страдањето на долгорочно и често постојано невработените како и разочарувачки недоволно ангажираните, е Голема Лага.
И ова е лага што има последици, бидејќи големиот американски сон е да имаш добра работа, а во последниве години, Америка не успеа да го испорача овој сон многу повеќе отколку било кога во блиското минато. Добра работа е главниот идентитет на еден поединец, нивната лична вредност, нивно достоинство - таа ја воспоставува врската што тој ја има со своите пријатели, заедницата и државата. Кога нема да успееме да испорачаме добри работни места кои одговараат на талентите, подготовката и искуството на нашите граѓани, ние го нарушуваме големиот американски сон.
Галуп дефинира добра работа како 30+ часовна работна недела во организација која обезбедува редовна плата. Моментално, САД ова го испорачува со неверојатно ниска стапка од 44%, што е бројот на работни места како процент од возрасната популација, 18 години па нагоре. Ни треба ова да е на 50% и минимум од 10 милиони нови, добри работни места за повторно да се пополни американската средна класа.
Цело време слушам дека "невработеноста е значително намалена, ама луѓето не го чувствуваат тоа." Кога медиумите, коментаторите, Белата куќа и Вол Стрит ќе почнат да ја пренесуваат вистината - процентот на Американци со добра работа; работни места со полно работно време и реални -- тогаш ние ќе престанеме да се чудиме зошто Американците не "чувствуваат" нешто што ни приближно не ја отсликува реалноста во нивните животи. Исто така тогаш ќе престанеме да се чудиме што ја испразнило средната класа.