Евреите во светот имаат причини да бидат загрижени и од десницата (подемот на ликови како Ник Фуентес) и од левицата (како оној Елија Родригез кој извикувајќи „Слобода за Палестина!“ уби двајца вработени во израелската амбасада во Вашингтон) но за најголем непријател го сметаат исламистичкиот терор.
Не грешат многу.
Долга е листата на напади на исламски екстремисти врз нив. Еврејското училиште во Тулуз. Еврејскиот музеј во Брисел. Кошер супермаркет во Париз. Големата синагога во Копенхаген. Синагогата во Коливил, Тексас. Синагогата во Манчестер. Бонди Бич во Сиднеј.
Во извештај на Групата за борба против екстремизмот - „Исламистички антисемитизам: Занемарена омраза“ - се открива дека во Велика Британија „говорници во одредени џамии ја промовирале идејата дека Алах е задоволен од убивањето Евреи, воделе молитви за муџахедините (без директно да го именуваат Хамас) и ширеле теории на заговор за злосторствата од 7 октомври“.
Многу од оние што го рецитираат слоганот „глобализирајте ја интифадата“ на бескрајните саботни маршеви во Лондон го прават тоа од конформизам и незнаење, но некои го сфаќаат многу сериозно.
„Ако секој еврејски празник антисемитите почнат да го гледаат како шанса за терор, тогаш прогнозата за еврејството во дијаспората е мрачна. Ќе има помалку јавни настани и, генерално, помалку забава. Ќе има повеќе вежби, повеќе аларми, повеќе проверки на торби на вратите; ќе мора да има повеќе обезбедување и повеќе полиција. И покрај сето ова, ќе има повеќе напади и повеќе смртни случаи: без разлика колку е засилено обезбедувањето, нешто секогаш ќе се протне.
Ќе има жално свртување навнатре. Некои Евреи можеби ќе изберат, на следната Ханука да не запалат мeнора, за да испровоцираат некој злобник. Освен ако работите не се променат, еврејскиот живот во дијаспората ќе се приближи до Израел: изолиран од светот, вооружен до заби и преплашен од непријателот пред својот праг“', пишува Семјуел Рубинштајн.