Европа има проблем со слободата на говорот

Кога американскиот потпретседател ја обвинува Европа дека не ја штити слободата на говорот, првата реакција е дека е тоа лицемерно. Актуелната Бела куќа е брутален непријател на мислења што не ѝ се допаѓаат, депортира студенти поради нивни политички ставови, ги ремети критичките медиуми и ги малтретира универзитетите. Но, само затоа што е лицемер, не значи дека Џеј Ди Венс греши.

Европа реално има проблем со слободата на говорот, пишува Економист.

Тој проблем не е рамномерно распределен. Убедливо најлошиот престапник во Европската Унија е Унгарија, каде што про-МАГА владата ги уништи или кооптира повеќето независни медиуми.

Други значајни прекршители се Германија и Велика Британија. Забраната во Германија за негирање на Холокаустот е разбирлива, со оглед на нејзината историја, но нејзиниот закон против навредување на политичарите е пародија. Моќните го користат бесрамно. 

Поранешен министер поднесе стотици кривични пријави против граѓани, вклучувајќи една во која беше наречен „идиот“ (види: Станува ли Германија Источна Германија?). Минатиот месец, десничарски уредник на весник доби висока парична казна, плус седум месеци условна затворска казна, за споделување меме од фотошопирана фотографија на која министерот за внатрешни работи држи знак на кој пишува „Ја мразам слободата на мислењето“. 

Сите европски земји го гарантираат правото на слободно изразување. Сепак, повеќето се обидуваат да ја ограничат штетата за која стравуваат дека слободата може да ја предизвика. Ова оди многу подалеку од оние  видови говор за кои дури и класичните либерали се согласуваат дека треба да бидат забранети, како што се детската порнографија, протекувањето на национални тајни или намерното поттикнување на физичко насилство. 

Честопати се однесува на говор што ги повредува чувствата на луѓето или, според оценката на некој службеник, е фејк. На некои места е кривично дело да се навреди одредена група (кралот во Шпанија; сите луѓе во Германија). Во Британија е кривично дело да се биде „грубо навредлив“ онлајн. Закони против богохулење сè уште постојат во повеќе од десетина европски земји. Целиот континент го криминализира „говорот на омраза“, кој е тешко да се дефинира, но постојано се проширува за да опфати нови групи. Во Финска е нелегално да се навредува религија, но и цитирањето на Светото писмо може да биде ризично: пратеник беше процесиран за објавување на библиски стих за хомосексуалноста.

Особено ревносна е британската полиција. Минува илјадници часови пребарувајќи потенцијално навредливи ставови и апси по 30 луѓе дневно. Меѓу нив беше и еден пар кој го критикуваше основното училиште на нивната ќерка. 

Целта на законите против говор на омраза е да се промовира социјална хармонија но тенки се доказите дека тоа така функционира. Потиснувањето на говорот со закана од гонење само поттикнува поделби. Популистите јаваат на чувството дека луѓето не можат да кажат што навистина мислат, став што сега го делат повеќе од 40% од Британците и Германците. 

Сомнежот дека естаблишментот задушува одредени перспективи се зголемува кога медиумските регулатори покажуваат политичка пристрасност. Франција казни конзервативен телевизиски канал со 100.000 евра затоа што го нарече абортусот водечка причина за смрт во светот - а тоа е вообичаен став меѓу про-живот застапниците. Законите за онлајн безбедност им наметнуваат големи казни на компаниите на социјалните медиуми за толерирање нелегална содржина па ги натераа да отстранат многу содржини што ќе им се видат сомнителни, разбеснувајќи ги оние чии објави се потиснати.

Работите може да се влошат. Нејасно напишаните закони што им даваат огромна дискреција на службените лица се покана за злоупотреба. Предупредување е британскиот пример каде полицијата претерано ги засака овластувањата што им ги даваат законите за говор. Многу е полесно да се ловат мемиња на Инстаграм отколку лопови; доказите се оддалечени само еден клик со глувчето.

Кога законот забранува навредување, тоа истовремено создава мотив луѓето да тврдат дека се навредени, со што ја користат полицијата за да го замолчат критичарот или да се пресметаат со комшијата. Кога некои групи се заштитени со закони против говор на омраза, а не и други, другиве имаат мотив исто така да бараат заштита. Така, напорот за искоренување на навредливите зборови создава „табу-теми“ и сè повеќе и повеќе области се сметаат за забранети. 

Многу бргу, ова почнува да ја попречува јавната дебата. Тешко е да се има отворена, искрена размена на мислења, ако едната страна се плаши дека изразувањето на нејзините ставови ќе ѝ донесе полиција на врата.

Верувањето во слободата на говорот значи бранење на говорот што не ви се допаѓа. Ако демократиите не успеат да го сторат тоа, тие губат кредибилитет, во корист на автократиите како Кина и Русија.

Што, практично, треба да прават Европејците? Треба да почнат со враќање на старите либерални идеи дека бучното несогласување е подобро од присилното молчење и дека луѓето треба да ги толерираат ставовите на другиот.

Општествата имаат многу начини да промовираат цивилизираност без да се ставаат лисици на раце. Кривичните казни треба да бидат ретки како под Првиот амандман на Америка. Клеветата треба да биде граѓанска материја, со дополнителни заштитни мерки за критика на моќните. Демнењето и поттикнувањето насилство сè уште треба да се сметаат за кривични дела, но „говорот на омраза“ е толку нејасен концепт што треба да се отфрли. 

Дигиталните платформи во приватна сопственост ќе имаат различни политики за модерирање на содржината. Некои ќе бидат построги од другите но затоа корисниците се слободни да ја изберат платформата што ја претпочитаат. 

Законски, онлајн говорот треба да се третира исто како и говорот офлајн. Полицијата генерално треба да се држи подалеку од приватните разговори. 

Европејците имаат слобода да мислат и да кажат што сакаат за Венс. Но, не треба да го игнорираат неговото предупредување. Кога државите имаат премногу овластувања врз говорот, порано или подоцна ќе ги искористат.

* извор

Види и:

Не, црепови, слободата на говорот не доведе до холокауст

17 мај 2025 - 17:25