За време на неговото претседателство се отвори рекордно голем број на нови работни места, а стапката на невработеност е најниска во последните 50 години. Додека инфраструктурните седмици на Трамп беа смешка, Бајден го потпиша најголемиот прилив на федерални средства во американската инфраструктура во повеќе од една деценија. Неговиот Закон за намалување на инфлацијата беше историска инвестиција во чиста енергија; првиот човек на Меѓународната агенција за енергетика го нарече најважниот климатски потег од Парискиот климатски договор од 2015. (И случајно, и инфлацијата почна да се намалува.) Бајден ги построи Западните нации да и помогнат на Украина против руската империјалистичка инвазија и ја заврши долгата и јалова американска војна во Авганистан, иако со грд и срамен крај. Неговата администрација стави граница на цените на инсулин за возрасни лица, го кодификуваше федералното признавање на геј браковите и го собори шпионскиот балон околу кој сите паничеа. Тој е на пат да именува повеќе федерални судии од Трамп.
Бајден исто така може да трча и победнички круг за опаѓачкото влијание на Трамп. Голем број аналитичари превртуваа со очи кога Бајден одлучи да ги претвори меѓуизборите во референдум за заканата што МАГА движењето ја претставува за американската демократија. Гласачите и не баш. Уште повеќе од поразот на Трамп во 2020, поразот на про-Трамп кандидатите како Кери Лејк од Аризона и Хершел Вокер од Џорџија во 2022, убедија голем број републиканци дека е време да се напушти нивниот некогашен херој.
Со други зборови, Бајден беше одличен претседател. Тој исполни невообичаено многу ветувања од кампањата. Тој заслужи да биде славен во обраќањето пред Конгресот. Но, тој не треба пак да се кандидира.
Повеќемина објавија дека Бајден обраќањето го гледа како поставување на основата за својот реизбор. Постои сериозна поделба во Демократската партија дали е паметно 80-годишен човек да го направи тоа. Демократските функционери главно се согласуваат со неговата повторна кандидатура барем јавно, но најголемиот дел од демократските гласачи не се согласуваат. „Демократите велат дека тој заврши одлична работа но е премногу стар,“ објаснува Сара Лонгвел, анти-Трамп републиканскиот стратег која спроведува редовни испитувања на гласачки фокус групи. „До крајот на неговиот втор мандат тој ќе биде поблиску до 90 отколку до 80 години.“ Веројатно отсликувајќи ја оваа динамика, анкета на Вашингтон пост и Еј-би-си покажа дека иако 78% од демократите и про-демократските независни гласачи имаат добро мислење за работата што Бајден ја врши како претседател, 58% од нив сакаат друг кандидат во 2024.
Аргументите за Бајден уште еднаш да се кандидира не се тривијални. Освен успесите што ги има, на негова страна е и тоа што тој веќе е во Белата куќа. Партиските избори се скапа, истоштувачка и непријатна работа. Тој да беше некоја година помлад, на Демократската партија немаше да и се исплати да го минува сето тоа.
Меѓутоа тешко е да се игнорира товарот на годините на Бајден, без разлика колку се трудат демократските функционери. На некој начин, колку си посочувствителен со Бајден, толку е потешко да го гледаш како се мачи со зборовите што ги изговара, тенденција која не може целосно да се објасни со неговиот проблем со дткање. Лонгвел објаснува дека демократите во нејзините фокус групи признаваат дека се во паника секој пат кога тој зборува. И ако Бајден во 2020 можеше кампањата да ја тера и виртуелно, во 2024 тој речиси гарантирано ќе мора да се врати на распоредот од реалниот свет, кој ќе треба да го истера додека во исто време ја води државата. Ова е херкуловски потег за 60-годишник, а речиси невозможен на осумдесетгодишник.
Ако Бајден се соочи со Трамп, кој следната година ќе има 78 години, тоа можеби и нема да е важно. Загрижува тоа што во анкетата на Вашингтон пост и Еј-би-си, Трамп беше малку пред Бајден во потенцијалниот реванш, меѓутоа негативните страни на Трамп имаат тенденција да растат колку повеќе е пред очите на јавноста, а претседателската кампања ќе му даде изобилие шанси да ги потсети Американците за својата уникатна злонамерност. Меѓутоа како што голем број анкети покажуваат дека популарноста на Трамп опаѓа и како што богатата Кох мрежа се позиционира против него, има добри шанси дека конкурентот на Бајден ќе биде некој многу помлад, како Рон Десантис, кој во 2024 ќе има 46 години. Освен ако не се случи некоја радикална промена во расположението на нацијата, кандидатите ќе се борат за лидерска позиција во длабоко незадоволна држава очајна за промени. За демократите, самиот визуелен контраст би можел да биде катастрофален.
Голем број демократи се загрижени дека ако Бајден се повлече, номинацијата ќе заврши кај Камала Харис, која има лоши резултати на анкетите. Меѓутоа демократите имаат длабока клупа, вклучително и политичари кои освоија важни виолетови држави, како гувернерката Гречен Витмер од Мичиген и сенаторот Рафаел Варнок од Џорџија. Бајден изјави дека тој сака да биде мост кон следната генерација демократи. Има доста ветувачки ликови квалификувани да го минат овој мост. Партиски избори ќе им дадат шанса на демократите да откријат кој е издигнат на ниво на задачата.
Последниот пат кога пишував дека Бајден е премногу стар, тој беше на најниската точка од своето претседателство, со растечка инфлација и заглавена инфраструктурна агенда. Доколку тогаш одлучеше да не се кандидира повторно, тоа веројатно ќе изгледаше како признавање на кривица. Сега неговата политичка оставштина изгледа побезбедна. Тој ќе ја бетонира ако има нестандардна мудрост да знае кога е дојдено време за збогување, а не за тргнување од ново.