Твитер почна да го етикетира Трамп

Два твита на американскиот претседател добија придружно предупредување дека се спорни во поглед на изнесените факти. На Трамп не е човек да му верува ама застрашувачки изгледа и иднината во која врховен судија на тема вистина ќе имаат моќни мултинационални приватни корпорации кои бркаат профит.   

Твитер додаде етикета од нивниот сервис за проверка на факти на два твита на американскиот претседател. Предупредување за заведувачки тврдења добија два твита од сметката @realDonaldTrump (популарниот личен акаунт на Трамп кој тој го користи како главен канал за комуникација) кои тврдеа дека гласањето по пошта е измамничко и води кон наместени избори.

Твитер ги воведе новите предупредувачки ознаки и пораки овој месец за твитови кои содржат лажни или заведувачки информации, вклучително и оние од светските лидери. На спорните твитови на Трамп, следачите се охрабруваат да ги дознаат фактите со линк до еден сумарен заклучок на таа тема. Во меѓувреме, платформата главно ги користеше новите етикети за потенцијално штетни дезинформации околу ковид-19.

Иако беше под притисок да го стори тоа,Твитер досега се колебаше да ги спроведе сопствените правила и на адресата на Трамп за што се користеа неколку статутарни оправдувања, како она за информативна релевантност.

Во само неколку дена, Трамп се чини дека прекрши уште неколку правила на куќниот ред на Твитер, меѓу кои и непотврденото обвинување дека Невада испраќала нелегални гласачки ливчиња за што се закани дека ќе ги сопре федералните средства за Невада и Мичиген. Иако има стриктни правила околу изборни нерегуларности, Твитер не реагираше со објаснување дека Трамп сепак директно не ја менаџирал изборната воља. А спорно беше и неговото ситење и правење лажна драма околу улогата на водителот на МСНБЦ Џо Скарбороу околу еден смртен случај. 

27 мај 2020 - 15:02