ЈПМорган Чејс пресметуваат дека трошокот за копање глобално во просек достигна 4.060 долари за еден биткоин. Во исто време еден биткоин на берза се продава за помалку од 3.600 долари. Остатокот од математиката направете го сами.
Последен пат биткоинот даваше знаци на надеж некаде во октомври кога уште држеше цена околу 6500 долари, за од тогаш да продолжи да паѓа и да стигне под 3600 долари.
Во анализата на банката се верува дека моментално ќар има само посебна група кинески копачи на криптовалути, кои успеваат високата цена на струјата да ја компензираат купувајќи енергија од компании кои генерираат вишок електрична енергија (топилници на алуминиум). Кај нив, есапот излегува 2400 долари за еден ископан биткоин.
Како еден од можните излези е луѓето заглавени со биткоин да почнат да затвораат погон, што би го намалило трошокот за копање на оние што ќе ја издржат кризата. Процената е дека ако останат само Кинези да копаат, трошокот би можел да падне на околу 1.260 долари за копање на еден биткоин.