Пример, дури и кога апликацијата на Фејсбук ти е целосно изгасена на мобилниот, речиси сите други апликации на мобилниот и веб-страни што ги посетуваш, му вршат пренос на Фејсбук што ти правиш во моментот. Па така Фејсбук знае која апликација си ја вклучил, и на која веб страна си сурфал. Затоа кога ќе отидеш на АлиЕкспрес и ќе побараш некој додаток за шрафилицата, потоа Фејсбук ќе те преплави со реклами од бургии и додатоци за шрафилица.
Сета оваа не-Фејсбук активност што Фејсбук ја генерира за подобро да те продаде за реклами од сега е достапна во „Off-Facebook Activity“ на твојот Фејсбук профил. Алатката ги опфаќа последните 180 денови од твојата не-Фејсбук активност што тој ја има за тебе.
Иако алатката нуди копче „Clear history“, тоа не функционира на ист начин на кој функционира, на пример, чистењето на твојата историја во браусерот, па и понатаму нема начин да ја ресетираш целата твоја досегашна врска со Фејсбук. Бришењето повеќе е во смисла дека тие податоци нема да го користи за таргетирање, а не дека тие податоци ќе бидат збришани од серверите на Фејсбук.
Тоа што е позитивно е што ти дава опција да го прекинеш идното следење од која било од веб-страните и апликациите што ги имаш во списокот или пак комплетно да го спречиш „оф-Фејсбук“ жнеењето податоци за тебе. Пофалба во целата работа е што Фејсбук на пример не бил заинтересиран за твоите порно навики, па на листата извори за собирање „оф-Фејсбук“ податоци нема порно сајтови.
Новата алатка е скриена во повеќе кликови, ама има и директен линк до нејзе.
Друга препорака, за колку-толку приватност е во „Settings“, под „Ads“ па „Your Ad Preferences“, кај „Ads based on data from partners“ да биде избрано „Not allowed“, или клик тука.
Лошите вести се дека и покрај тоа што си ги искликал сите овие работи, тоа не значи дека Фејсбук ќе престане да собира податоци за тебе од други бизниси, туку само значи дека тие податоци ќе ги дисконектира од твојот профил, односно нема да ги користи за на твојот профил да ти прикажува снајперски таргетирани реклами.