Милионите прашања што Американците секојдневно им ги упатуваат на чет-ботови со вештачка интелигенција генерално остануваат тајна. Но, некои лични комуникации станаа дел од јавната евиденција откако беа обелоденети од адвокати како одговор на тужба против платформите на Meta, Snapchat, TikTok и YouTube.
Татко ми рече дека ќе добијам спогодба вредна еден милион долари. Рече дека ако тоа не ме прави среќен, тогаш што би ме направило? Што сакаше да каже со тоа?, прашал во комуникација со својот ЧетГПТ тинејџер што поднел тужба против платформите поради долгогодишна зависност од социјалните мрежи и проблеми со менталното здравје.
Компаниите ги отфрлија обвинувањата на тинејџерот. Неговите застапници постигнаа спогодба со Snap, TikTok и YouTube и ја повлекоа тужбата против Meta, наведувајќи „загриженост дека момчето ќе биде способно да издржи исцрпувачко судење што би траело со недели“.
Како што сè повеќе луѓе се обраќаат кон ВИ за помош околу работата, здравствените проблеми или за дружење, операторите на ботовите стануваат чувари на ризница од лични податоци, кои можат да бидат побарани од органите на прогонот, од компании или од други страни во граѓански спорови.
Петнаесетгодишник може да праша чет-бот за работи што не би им ги доверил на терапевт, родител или пријател. Тоа го прави без да сфати дека тие податоци би можеле да завршат во извештајот на вештак од одбраната, изјави Мајк Морган од адвокатската канцеларија што го застапувало момчето од издвоениот случај.

Има и примери кога компаниите за ВИ пријавуваат заканувачко однесување на корисници. ФБИ во мај ја предупредило полицијата во округот Палм Бич, Флорида, откако компанијата OpenAI пријавила корисник кој два месеци му доверувал на својот чет-бот планови да ја силува и да ја убие поранешната девојка. Корисникот, идентификуван во судските документи како Дарен Џоу, опишувал дека ќе ја чека девојката пред нејзиниот автомобил додека таа се враќа од тренинг за да пука во неа, се наведува во судските документи.
Локалната полиција ја идентификувала потенцијалната жртва врз основа на информациите пренесени од ФБИ и дознала дека Џоу ѝ испраќал анонимни текстуални пораки откако раскинале. Џоу бил уапсен во мај и обвинет за демнење и упатување закани по електронски пат, врз основа на пораките до девојката и до ChatGPT. Се изјаснил за виновен и бил осуден на условна казна од осум години.
OpenAI соопшти дека користи софтвер за скенирање на разговорите со цел да открие знаци на опасно однесување и ги предава таквите случаи на преглед од луѓе. Ако се утврди „непосреден и веродостоен ризик од нанесување штета на други лица“, корисникот се пријавува кај надлежните органи. Во втората половина на 2025 година, компанијата открила податоци од повеќе од 80 кориснички сметки, што претставува четирикратно зголемување во споредба со истиот период претходната година.

Според правни експерти, персонализираната природа на разговорите со чет-ботови – кои создаваат атмосфера на приватност што поттикнува искрено споделување информации – може да ги направи записите што ги чуваат компаниите за ВИ побогат извор на информации од конвенционалните дигитални докази, како што се записите од пребарувањата на интернет.
Ако некогаш постоел прозорец што ги открива тајните на нечиј живот, ова е одличен пример. Целата инструкција, позадината што сте ја навеле и текот на размената на пораки, не остава простор за нагаѓање за тоа каков бил вашиот тек на мисли или што сте сакале да постигнете. Сè е сосема јасно, изјави Мајкл Прајс, директор за судски спорови.
Четвртиот амандман, кој ги штити луѓето од неоправдани претреси и одземање на имотот, го гарантира правото на одбивање претрес на содржината на телефонот, освен ако полицијата не поседува судски налог.
Разговорите со чет-ботови моментално немаат таква заштита. Во нерегулирана сфера, малку е веројатно дека кој било суд би заклучил оти таквите комуникации се доверливи, вели Лора Абелсон, професорка по право на Универзитетот „Саутерн Методист“.
Извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, смета дека разговорите со чет-ботови треба да уживаат посебна правна заштита, слична на онаа што важи за разговорите меѓу клиентите и нивните адвокати.
Кога разговарате со лекар за вашата здравствена историја или со адвокат за правна ситуација, одлучено е дека е во најдобар интерес на општеството тие информации да бидат доверливи и заштитени на повисоко ниво. Истото ниво на заштита треба да важи и за разговорите со ВИ, на која луѓето сè почесто ѝ се обраќаат за чувствителни прашања и лични грижи, забележа лани Алтман.