Фејсбук Инк соопшти дека го суспендирал профилот на поранешниот американски претседател на две години. Обвинението е кратко и без многу образложенија: „сериозно прекршување на правилата.“
Тој немаше пристап кон тие сметки од јануари, поради неговите пораки околу немирите на Капитол.
Одлуката на Фејсбук, Трамп ја оцени како навреда за речиси 75 милиони американски граѓани кои гласале за него.
„Следниот пат кога ќе бидам во Белата куќа, нема веќе да има вечери, на негово барање, со Марк Закерберг и неговата сопруга. Ќе биде тоа чист бизнис,“ порача Трамп.
Од друга страна, Твитер досега етикетираше твитови или суспендираше акаунти но за првпат се реши да избрише твит на претседател на држава.
„Многумина од оние кои денес учествуваат во немири се премногу млади за да бидат свесни за деструкцијата и изгубените животи за време на нигериската граѓанска војна. Ние кои бевме во ровови цели 30 месеци и ја поминавме таа војна, ќе ги третираме со јазик кој го разбираат“, напиша на Твитер актуелниот претседател на Нигерија, Мухамаду Бухари.
Не чини тоа, заклучиле во началството на Твитер. И го избришаа твитот.
Граѓанската војна на која потсетува Бухари се водеше меѓу 1967 и 1970 година заради сецесионизмот на Бијафра кој беше поразен во 30 месечен конфликт кој имаше преку милион жртви, што од убиства, што од глад. Денес властите на Нигерија се справуваат со бандитизмот на милитантите од озлогласените Боко Харам.