Фејсбук го купи Инстаграм

За 1 милијарда долари во готовина и акции, Фејсбук се согласи да го купи Инстаграм. Само пред една недела сервисот беше проценет на 500 милиони долари.

Ова е најголемата аквизиција во постоењето на Фејсбук и во однос на пари и во однос на корисници. Инстраграм има околу 30 милиони членови.

"Не планираме да продолжиме со купувања. Со години се фокусираме на создавање на најдобриот начин за споделување на фотографии со вашите пријатели и семејството. Сега ќе бидеме во можност уште подобро да го правиме тоа со помош на искуството на тимот на Инстаграм," напишал Закерберг на својата Фејсбук страна.

Фејсбук веќе некое време беше заинтересиран за купување, а уште на почетокот на 2011-та Зукреберг разговараше со основачите на Инстаграм за можноста за нејзино купување. Тогаш сервисот имаше помалку од 7 милиони корисници.

Компанијата е основана во 2010-та од Мајк Криегер и Кевин Систром и денес брои вкупно - 9 вработени. За споредба, Форсквер, за сервисирање на своите 15 милиони корисници има над 100 вработени.

Минатата недела, Инстаграм ги комплетираше преговорите за добивање на 50 милиони долари од инвеститорите. Тогаш компанијата беше проценета на околу 500 милиони долари.

Аналитичарите објаснуваат дека со купувањето на Инстаграм, Фејсбук се погрижи за една од своите најголеми потреби: како да стане по прифатен од смартфон корисниците.

" Кога си во движење полесно е да го апдејтуваш Фејсбук со фотографија, отколку со текст. Мислам дека тука дефинитивно се работи за мобилните," објаснува аналитичарката на Алтиметар групацијата, Ребека Лиеб.

Инстаграм е социјална мрежа изградена околу слики направени од мобилни телефони. Корисниците можат сликите да ги уредуваат со десетина филтри, а потоа истите ги објавуваат на својот профил. Сервисот дозволува следење меѓу корисниците, кои можат да коментираат и да ставаат "like" на другите слики.

Долго очекуваната Андроид верзија на апликацијата беше објавена минатата недела, и за само 12 часа беше симната над 1 милион пати.

Писмото на првиот човек на Инстаграм

9 април 2012 - 21:36