Дали Кокомелон ќе стане првиот Јутјуб бизнис од милијарда долари?

Чудењето на тазе родители е - како тоа Кокомелон се уште не е бизнис од милијарда долари? Чудењето на сите останати - што е тоа Кокомелон? До овие вториве, полека, и вам ќе ви дојде ред да се крстите во него.

Мал вовед за сите што немале потреба да се запознаат со Кокомелон, станува збор за Јутјуб канал со цртани и песни за бебиња и нешто постари детулиња чии видеа во просечен месец се гледаат повеќе од 3,5 милијарди пати, што е повеќе отколку каналите на Тејлор Свифт, Нетфликс и ЕСПН, заедно. Од отворањето до сега каналот има речиси 72 милијарди прегледи.

Од прегледите каналот годишно прави милиони долари од Јутјуб, меѓутоа на креаторот на каналот, Џеј Џеон, јасно му е дека најголемите пари се вон Јутјуб, поточно во играчки, настапи во живо и забавни паркови. Пример, Хасбро, плати 3,8 милијарди долари за да го купи сопственикот на Прасето Пепа, главно заради обемот на продадени играчки што ги има.

Од слични причини и Кокомелон пред некое време за непозната цена беше купен од Мунбаг, компанија која верувајќи дека Јутјуб ги има заменето Никелодеон и Дизни каналот, почна да купува големи детски Јутјуб канали.

Нивниот план за достигнување на своите милијарда долари вклучува лиценцирање на ликовите од Кокомелон и други детски канали, и нивно присуство на најразлични други платформи.

Кокомелон има потенцијал да биде најголемиот посед во светот кога се во прашања деца, а во однос на гледаност тој веќе е,“ објаснува ЦЕО-то на Мунбаг, Рене Рехтман.

4 август 2020 - 14:19