Андроид апликации кои треба веднаш да се деинсталираат

Стручњаци за компјутерска безбедност открија девет малициозни андроид апликации кои од Гугл Плеј биле преземени речиси 6 милиони пати. Тргнати се од дуќан, но ако ги имате симнато во телефон, и натаму прават белја.

Апликациите биле комплетно функционални и вршеле работа за која се наменети, од средување фотографии до хороскоп. Само што попат краделе информации кои потоа завршувале во питај бога чии раце.

Станува збор за апликациите PIP Photo (преземена 5,8 милиони пати), Processing Photo (преку половина милиони симнувања), Rubbish Cleaner (сто илјади), Inwell Fitness (преку 100.000), Horoscope Daily (преку 100.000), App Lock Keep (50.000), како и Lockit Master, Horoscope Pi и App Lock Manager кои имаат нешто помалку даунлоди.

Како што објаснуваат од фирмата Доктор Веб која ги открила дубарите, измамата настанува кога апликацијата ќе понуди да не ве замара со реклами ако прифатите да ја поврзете со вашиот Фејсбук акаунт. Тука влегува во игра тројански црв кој ги снима и пренесува податоците од сметката, крадејќи ги и колачињата за моментална авторизиранa пријава.

Тројанецот крадел само кориснички имиња и лозинки за Фејсбук но многу лесно можел да добие прекоманда да буричка по други чувствителни податоци од кој било друг сервис или веб страница. Ако имате преземено некоја од наведените апликации, сменете лозинка на Фејсбук и ослободете се од апликацијата.

5 јули 2021 - 08:34