Првата милијарда долари Алибаба ја направи во рок од 85 секунди од започнување на годинешниот Ден на самците, а им требаше нешто повеќе од еден час за да стигнат до 10 милијарди долари. Крајот на денот го завршија со промет од 30,8 милијарди долари.
Крајната сума од годинешниот празник повторно е рекордна и е за 27% поголема отколку ланскиот рекорд, меѓутоа во исто време ова е и најмалиот раст во однос на претходната година од почетокот на славењето на Денот на самците.
Бидејќи веќе не си ни трудат да ги објаснат парите што ги прави Алибаба за време на празникот, годинешните анализи повеќе се свртени кон проблемот со растот, односно што ова им е најмала разлика во однос на претходната година. Па така, како објаснувања за проблемот се наведуваат нови конкуренти на пазарот, побавен раст на кинеската економија, падот на акциите од 16% како последица на трговската војна меѓу САД и Кина и послабиот јуан во однос на доларот споредено со минатата година. Лани денот се заврши со приходи од 25,3 милијарди долари.
Годинава во „шопинг центарот“ на Алибаба беа достапни околу 180.000 брендови, од ситнурија, до брендови како Шаоми, Епл и Дајсон. Епл е и најпродаваниот бренд на смартфони на Денот на самците, надминувајќи ја границата од 100 милиони јуани (14,3 милиони долари).