„Ние сме сред првата вистинска глобална енергетска криза. Нашиот свет никогаш не сведочел на енергетска криза со ваква длабочина и комплексност.
Причината за ова е многу едноставна. До 24 февруари Русија беше број 1 извозник на фосилни горива во светот, нафта, гас, јаглен. И како резултат на тоа сега гледаме огромен хаос на пазарот на нафта, на пазарот за природен гас,“ изјавува Фатих Бирол во разговорот за Си-ен-би-си.
Извршниот директор на ИЕА продолжува идентично мрачно и околу излезот од кризата, која според него може да се реши само со примирје, а до тогаш ќе продолжат драмите на пазарите за енергија.
За Бирол е целосно без преседан одлуката на ОПЕК да се намали производството на нафта за 2 милиони барела дневно, и посебно што тоа се случило сред глобална криза и пред директна опасност од рецесија.
Во однос на судирот меѓу ОПЕК и САД, Бирол проценува дека одлуките на нафтениот картел повеќе влијаат на сиромашните држави кои сега ќе требаат да плаќаат повисока цена, додека богатите некако ќе го поднесат поскапувањето и ќе ја обезбедат неопходната нафта.