Во финансискиот извештај што Газпром го објави за првите 9 месеци од годинава стои дека приходите од продажба на природен гас во Европа и Турција се зголемиле за два пати во споредба со истиот период во 2020 и изнесуваат речиси 39 милијарди долари, а во исто време профитот за овој период им е зголемен за 5 пати и изнесува некаде околу 21 милијарда долари.
Заменик претседателот на компанијата, Фамил Садигов, изјави дека профитот „веќе е поголем од која било целосна календарска година во историјата на компанијата.“
„Имајќи ја предвид сегашната динамика, очекуваме дека ќе имаме уште поимпресивни резултати во четвртиот квартал,“ порачува Садигов.
Просечната цена што европските држави (надвор од Сојузот на независни држави) ја плаќаат за природен гас годинава скокна од 129 на 241 долар за 1.000 метри кубни. Ова е разлика од 112 долари на секои 1.000 кубика, а биле испорачани 175,7 милијарди метри кубни.
Делумно кривицата за ова паѓа на европските држави кои се откажале од правење долгорочни договори за купување гас од Русија, и наместо тоа купуваат по берзански цени. Делумно причина е и тоа што Газпром одбива да чува резерви на природен гас во Европа, што според нив не е комерцијално привлечно имајќи ја предвид цената за складирање, па затоа го одложи пуштањето на поголеми количини гас се до почетокот на месецов.
Со вака даровна година, Газпром нема проблем целосно да го покрие трошокот за Северен тек 2, чија изградба се проценува дека чини околу 11 милијарди долари. Дополнителна околност е што околу половина oд трошокот за гасоводот го сносат странски компании кои учествуваат во проектот.
Згора на ова, самото тоа што заради административни и политички проблеми на Западот Северен тек 2 не може да почне со работа, дополнително ја крева цената на природниот гас на берзата, пари што пак треба да ги платат европските потрошувачи и кои пак ќе завршат кај Газпром.
Сегашното гледиште од Русија е „иако уште не работи, Северен тек 2 веќе носи пари во Русија. И тоа многу пари. Ако може Западот да го забави пуштањето на Северен тек 2 за уште неколку години, ќе имаме пари и за некој Северен тек 3.“