Руската армија испратена да ја смирува епидемијата во сибирски рудник за злато

Војска и над 2 тона медицинска опрема се испратени на Сибир во рудникот за злато на најголемата рударска компанија во земјата Полиус, со цел да го спречат тамошното ширење на вирусот.

Со војниците и медицинскиот персонал на армијата, на аеродромот во Краснојарск пристигнуваат и машини за дишење, маски, ракавици и заштитна опрема, кои на крај треба да завршат во Олимпијада, најголемиот рудник за злато во Русија.

Полиус на почетокот од мај потврди дека меѓу рударите се идентификувани првите случаи на коронавирус. Од тогаш бројот на заразени е над 300. Во Олимпијада во која се вработени над 3.400 лица, дел од кои се сместени во привремени кампови, се проценува дека има речиси 740 тони злато.

Армискиот контингент составен од 200 лица, од кои 77 доктори и медицински персонал, ќе постави полска болница во која треба да бидат изолирани и следени заразените случаи.

Властите на Краснојарск веќе поставиле 200 кревети во близина на рудникот, исклучиво за неговите вработени.

18 мај 2020 - 12:03