Последната џева околу милијардерот што одлучи да го донира најголемиот дел од своето богатство е дека ќе купува супер-јахта, и тоа во склад со последните драми на планетава, таа ќе биде на погон на течен водород наместо на стандардните фосилни горива.
За ова свое задоволство, и мирна совест во однос на загадувањето, Бил Гејтс ќе плати 644 милиони долари, а освен погон на хидроген, ќе добие јахта од 112 метри со сите придружни аксесорис што одат за оваа класа на јахти и платени пари. Предвидено е да има место на 14 гости и екипаж од 31 член.
Јахтата прв пат беше претставена минатата година на саемот за јахти во Монако, а Гејтс за првото крукче со новата јахта ќе треба да се стрпи до 2024.
Иако со купување на првата супер-јахта на погон на течен водород Гејтс поставува прилично добар пример за остатокот од богаташите, забелешката кон набавката доаѓа по основа на разлика во приходи и дека како сега се поставени работите, богатите не можат да ги дотрошат парите.
Според математиката на Бизнис инсајдер, Гејтс заработува по 380 долари во секунда (секоја секунда што минува, без разлика дали делник или празник). По оваа стапка тој за 24 часа ќе собере 32,8 милиони долари, што на крај значи дека сумата за јахтата ќе ја постигне за нецели 20 дена (19,6).
Моментално нето вредноста на Бил Гејтс Блумберг ја проценува на 104 милијарди долари. Со овие пари, ако Гејтс троши по 1 милион долари на ден, без притоа ништо, ама ништо да не заработува, ќе му бидат потребни 285 години за да ги списка сите пари.