Мерење на милијардите од рекламите од твојот мобилен

Во исто време кога Алфабет за прв пат ги откри бројките за парите што Јутјуб ги прави од реклами, Блумберг објави најблиско нешто до завршна сметка на Инстаграм што се појавило откако беше купен од Фејсбук.

Јутјуб мината година пријавува приходи од реклами во вредност од 15,2 милијарди долари. Ова се вкупно пари што ги заработила компанијата, па од нив допрва ќе треба да се извади колку ќе им останат чисти.

Инстаграм пак за 2019 има собрано околу 20 милијарди долари во приходи од реклами, барем според изворите на двајца новинари на Блумберг. Во однос на цела групација ова е околу една четвртина од сите пари што Фејсбук лани ги има наплатено за реклами.

Дополнителна финансиска разлика меѓу двете платформи е што Инстаграм не им исплаќа никакви пари на своите креатори, додека Јутјуб стандардно плаќа дел од заработката на креаторите од неговата платформа.

Гугл го купува Јутјуб во 2006 за 1,65 милијарди долари и во тоа време сервисот уште се нема залауфано со продажба на он-лајн реклами.

Фејсбук го купува Инстаграм во 2012 за 1 милијарда долари, и во тоа време платформата нема ниту една реклама.

5 февруари 2020 - 13:43