Ќе испрси ли Микрософт 200 милијарди долари за ТикТок?

САД е земја во која попрво ќе се забрани некоја апликација отколку да се забрани секоја будала да поседува полу-автоматска пушка. Со тој факт во моментов се соочува ТикТок кому Трамп му е намерачен да го забрани. Но, на повидок е бел витез со многу пари.

Купувањето на ТикТок од страна на Микрософт би можело да тежи 200 милијарди долари во наредните три години. „И тоа е конзервативна проценка“, вели Дан Ивес, аналитичар од Ведбуш Секјуритис, фирма за финансиски сервиси и инвестиции.

Според него, во моментов шансите да се постигне таков договор се околу 80%. Трамп деновиве најави дека ТикТок ќе остане надвор од бизнисот ако до 15-ти септември не се продаде.

Микрософт се јавува како бел витез кој ќе ја спаси фирмата не затоа што е единствената компанија која има доволно пари туку затоа што е единствената која во операцијата нема да се заплетка во регулаторни компликации. Имено, тие немаат социјален медиум и на таа тема го држат само ЛинкдИн па купуванката на ТикТок нема да ги запали строгите анти-монополски сензори.

Ова во моментов е единствениот начин Микрософт да стане голем играч во социјалните медиуми бидејќи под свое ќе ја има апликацијата која во првиот квартал на годинава беше симната 315 милиони пати, што е апсолутен рекорд за една апликација во таков период.

3 август 2020 - 21:38