Како Маск стана најбогат човек на светот?

За да избиеш на прво место на листа на најбогатите луѓе на светот, не е лошо директниот противник да се разведе, а жена му да го одере.

Деновиве Блумберг јави дека Елон Маск го претекнал Џеф Безос од Амазон и станал најбогатиот човек на планетава, чие богатство се проценува на 188,5 милијарди долари.

Како стигна таму?

Акциите на компанијата Тесла во 2020 година забележаа фрапантен пораст од 743 проценти што значи дека 20-те проценти акции на нејзиниот основач и извршен директор пораснале со фактор седум ипол. Дополнително, Маск направи милијарди долари и со сложената шема за менаџерски бонуси која наградува за добри перформанси на акциите.

Поширокото прашање е како компанија која продава помалку од еден процент од светските автомобили стана повредна од Фолксваген, Тојота, Нисан, Хјундау, Форд, ГМ, Хонда, Фиат Крајслер и Пежо - заедно? Нема еднозначен одговор но сосема е јасно дека голем дел од берзантските кардиограми се должат на перцепцијата а не на класичните економски параметри на некоја компанија.

Краткиот одговор на насловното прашање е: летото 2019-та година, Џеф Безос го финишираше разводот од својата бивша, Мекензи Скот, после кој таа остана со 38 милијарди долари во акции од Амазон. Оттогаш, акциите на фирмата се покачија 70 проценти па ако Безоси денес се сметаа за едно, Џеф Безос и натаму ќе беше далеку пред Маск, со 242 милијарди долари.

* За успехот на Маск во 10 чекори, пишува Гардијан во статијата „Од малтретирано момче до најбогат човек на светот“

8 јануари 2021 - 16:29