Кон крајот на 2016 управата на Хол фудс разгледува стратегии како да ја подобри разочарувачката цена на акциите на компанијата која постојано паѓа паралелно со профитот во изминатите години.
Некаде на почетокот на април Џана партнерс објавуваат дека имаат стекнато речиси 9% удел во Хол фудс и планираат да го размрдаат раководството. Бидејќи менаџментот не планира да ја пушти контролата врз компанијата, тие најмуваат "дефанзивен банкар од Еверкор кој има повеќе од една деценија искуство во борба со активисти и непријателско преземање компании".
На 18-ти април (вторник) како што почнуваат да пристигнуваат понуди за купување, менаџментот на Хол фудс и надворешен консултант разговараат околу извештаите дека Амазон имал намера да ја купи нивната компанија. Истиот овој консултант неколку дена подоцна (петочки) се слуша со Џеј Карни, поранешен портпарол на Обама кој сега е постар потпретседател за корпоративни работи во Амазон, за да види дали технолошкиот гигант и понатаму е заинтересиран за ланецот продавници. Уште првиот понеделник од Амазон му јавуваат на консултантот дека се отворени за состанок.
Во меѓувреме расте притисокот од Џана партнерс, кои истата недела се состануваат со директорите на Хол фудс и им поставуваат најразлични барања, посебно инсистирајќи на темелна реорганизација бордот на директори.
Бордот се среќава на 28 април (петок) за да дискутира како да им одговорат на Џана. Тогаш Мекеј (ЦЕО-то на Хол фудс) ги информира членовите на бордот дека тој и други високи директори од компанијата планираат да летаат за Сиетл и таму да разговараат со Амазон околу намерите за купување на компанијата.
Во недела тие се во седиштето на Амазон каде го имаат првиот состанок. Мекеј подоцна објаснува дека состанокот трае два и пол часа и дека бил "љубов на прв поглед".
"Мислам дека можевме да зборуваме 10 часа. И кога се собравме сите бевме окезени, како 'овие момци се одлични, толку се паметни, толку се автентични.'
Кажуваат она што го мислат. Не играат глупи игри. А јас цело време бев 'ова ќе биде неверојатно'," подоцна раскажува Мекеј на состанок со вработените во компанијата.
И покрај оптимизмот на Мекеј, договорот ни најмалку не е сигурен, а во исто време Џана партнерс продолжуваат со притисокот. Тие се обидуваат и да ги смират Џана партнерс и да им дадат две места во бордот во замена за повлекување на барањата и 18 месеци период за стратешки промени во компанијата. Џана ја одбиваат понудата, а Хол фудс и без разлика на нив прави измени во бордот и на 10-ти мај назначува 5 нови директори.
Во претстојниот период Хол фудс и понатаму ги премерува своите опции, а меѓу нив е и еден слично доминантен ланец супер-маркети кој предлага "спојување на еднакви".
На 23-мај, Амазон испраќа писмена понуда да го купи Хол фудс по цена од 41 долар по акција, или вкупно 13,1 милијарди долари. Цената на Амазон е далеку повисока од стандардната цена од 35 долари, по која се тргуваат акциите на компанијата. Притоа Амазон бара доверливост за време на трансакцијата, и секое прекршување на ова би можело да доведе до прекин на разговорите.
Амазон посебно инсистираат на таинственоста, па и самиот претставник на Амазон, Голдман Сакс, се слуша со банкарот на Хол фудс од Еверкор, за да му порача дека доверливоста е клучна и дека компанијата нема да учествува во наддавање со цена.
Бордот на Хол фудс се состанува на 30-ти мај за да разговара што ќе се прави. Тие веќе имаат 6 понуди, плус Амазон. Советот од Еверкор е дека тешко дека некоја од понудите ќе може да ја надмине таа на Амазон.
Хол фудс го прифаќа овој совет, ама не и цената од Амазон, па им испраќа контра понуда од 45 долари по акција (10 долари повеќе отколку цената на берза), или 14,4 милијарди долари топтан.
На Амазон не им се допаѓа понудата, од Голдман сакс ги потсетуваат Еверкор дека "Амазон.ком верува дека дале многу силна понуда." Следниот ден Амазон испраќа нова понуда која е последна и за која бараат брз одговор: 42 долари по акција.
Хол фудс ја прифаќа цената од Амазон. Компаниите во следните 2 недели тивко го анализираат договорот за спојување и на 15-ти јуни објавуваат дека Амазон го купува Хол Фудс за 42 долари по акција, или 13,7 милијарди.