„Следење на патот на проширување и отворање е најдобриот кинески одговор на трговскиот судир меѓу Кина и САД, и исто така тоа треба да е одговорноста што големите држави низ светот треба да ја понесат.
Мудрите луѓе градат мостови, глупавите градат ѕидови,“ се порачува во едиторијалот на кинеската новинска агенција Синхуа.
Пораката од Кинезите инстантно беше дочекана со реплики од типот „кажа државата со најголемиот ѕид на сите времиња“.
Весникот на Кинеската комунистичка партија, Народен весник, го осуди потегот на Трамп пишувајќи дека американската администрација има „опсесија на играње на срамната улога на подривач на глобалната економија.“
Додека Глобал тајмс проценува дека Трамп го нарушува светскиот поредок за да ги привлече гласачите кои мислат дека тој се бори за нив.
Чајна дејли се надева дека ова ќе биде уште еден блеф на Трамп и дека е премногу рано да се заклучи дека ќе започне трговска војна.
Во прв круг на 6-ти јули САД воведува дополнителни давачки за кинески производи во вредност од 34 милијарди долари, а подоцна ќе бидат воведени и за производи во износ од 16 милијарди долари.
САД објаснуваат дека ова го прават како притисок врз Кина да престане со кражба на интелектуална сопственост. САД бараат Кина да се откаже од наводната пракса на вршење притисок врз странските компании кои сакаат да влезат на кинески пазар, да ја споделат својата интелектуална сопственост со кинески компании.