„По 17 декември 2023 повеќе нема да можат да се поднесуваат нови апликации за еколошки бонус во Федералната канцеларија за економија и контрола на извоз,“ објави во саботата наутро германското министерство за економија.
Како што пишува Билд, со ова министерството им даде на граѓаните шанса нешто помалку од 38 часа за да купат електрично возило и да аплицираат за субвенции. Бидејќи апликацијата може да се поднесе само за регистрирано возило, што е речиси невозможно во сабота, субвенциите прекинуваат на денот на соопштението.
Од министерството објаснуваат дека промените не влијаат на веќе поднесените барања.
Еколошкиот бонус германската влада го воведе во 2016, и од тогаш исплатени се околу 10 милијарди евра субвенции за 2,1 милион возила. Првичниот план беше бонусот да се преполови во 2024, на максимум 3.000 евра, и на крај од годината да се укине.