“Наша амбиција е да престанеме да продаваме цигари во Велика Британија“, гласеше новогодишната ПР порака на Филип Морис видливо пласирана во неколку весници и магазини на островот.
Оваа порака е дел од нивната поширока стратегија за фундаментално ребрендирање во светот во кој е очигледно дека класичните цигари никогаш веќе нема да се вратат во полн дим.
Но, кај што нема дим, не значи дека нема ни тутун.
Филип Морис со големи пари работи на алтернативи на класичното пушење, во вид на електронски и други измислици.
„Општеството очекува од нас да се однесуваме одговорно и ние го правиме токму тоа, создавајќи иднина без чад од цигари“, стои во истата порака.
Главниот џокер на кој се кладат е IQOS (I Quit Ordinary Smoking), систем во кој инвестираа една милијарда долари а одзивот, и тоа во пушачки релевантни земји како што е Јапонија, им враќа оптимистички прогнози.
За IQOS веќе пишувавме:
Се работи за стандарден, набиен тутун во цигарче од 1-2 сантима, обвиен во метална мрежа па во ризла, а се става во муштикла која го загрева но не го гори тутунот. Со други зборови, се затоплува на ниво кое го ослободува никотинот но не и штетните материи во тутунот. Конкретно, цигарите горат со 600 степени целзиусови, ова затоплува најмногу до 350. Притоа, пушачот не испушта чад од цигари, туку водена пареа, како кај електронските цигари со масло. Само што се работи за вистински тутун, нормален филтер и поавтентичен вкус (имаме пробано само ментол, а ментол ко ментол, шкарт). Цигарата трае 6 минути или 14 потегнувања, што дојде прво.
Светската здравствена организација засега не е импресионирана од обидот на Филип Морис да се претстави како компанија на која ѝ е важно јавното здравје па во септември 2017 година пуштија соопштение во ко велат дека треба да се биде претпазлив кон оние компании кои во минатото веќе докажале дека се подготвени да ги заведуваат луѓето во врска со здравствените последици од користењето на нивните производи.
Инаку, веќе во 2017 година, Филип Морис ја вратија милијардата која ја дадоа за развој и промоција на нивните пушачки алтернативи.