ЕУ ја даде АстраЗенека на суд заради доцнење

Заради неспособност да дојде до „сигурна стратегија“ за да осигури навремена испорака на вакцини на членките на Унијата, ЕУ одлучи да поднесе тужба против АстраЗенека.

„Сакаме да се осигуриме дека ќе има брза испорака на доволен број на дози на кои европските граѓани имаат право и кои ни беа ветени врз основа на овој договор,“ изјавил портпаролот на Европската комисија, Стефан де Кеишмакер.

АстраЗенека испорачала само една четвртина од вакцините што ЕУ го договорила и очекувала во првиот квартал. Блумберг потсетува дека производителот не ги продава вакцините за профит, и дека судската битка со 27 влади го зголемува ризикот од судски трошоци и отштета.

Ставот на производителот е дека тие се чисти.

„АстраЗенека целосно го исполни договореното со ЕУ од договорот за авансно купување вакцини и со сите сили ќе се браниме на суд.

Веруваме дека секоја парница е без основа и ја поздравуваме оваа можност да го решиме овој спор што е можно поскоро,“ порачуваат од АстраЗенека.

Освен проблемот со испораката со ЕУ, сите маки околу квалитетот на АстраЗенека вакцините започнаа токму во членките на Унијата, кои први пријавија случаи на згрутчување на крвта кај лица кои ја примиле оваа вакцина.

Денес АстраЗенека објави дека на членките на ЕУ ќе им испорача речиси 50 милиони дози до крајот на април. Од ЕУ вратија дека овие испораки се пониски од тоа што било договорено со компанијата, и дополнија дека ќе блокираат каков било извоз на вакцини од погоните на АстраЗенека се додека не се исполни квотата за Европа.

26 април 2021 - 15:56