Запрашан дали тоа значи дека нема да троши време на гледање ситкоми, Безос одговара:
„Не, ќе имам хобија. Ќе гледам филмови. Јас зборувам за работа. Нема да работам на нешто за кое мислам дека не ја унапредува цивилизацијата. Мислам дека Вашингтон пост го прави тоа, мислам дека Амазон го прави тоа, и мислам дека Блу ориџин го прави тоа. Нема да ја вложувам мојата продуктивна енергија во нешто што не ја унапредува цивилизацијата. Зошто да го правам тоа? Што би постигнал?“
За Стивен Ливај од Вајард, разговорот одлично ја врамува неодамнешната оставка на Безос, кој уште во 2018 своите дневни обврски околу Амазон ги аутсорсира кај двајцата помлади ЦЕО-а, едниот задолжен за продажба, другиот задолжен за веб-сервисите. Дури кога Амазон се соочува со криза во справувањето со ковид, Безос се враќа и ги презема работите во свои раце.
„Овие транзиции се неизбежни. Имам минато доста време со основачите на сите големи технолошки компании. Сите тие во свето срце се уште веруваат дека се идеалисти. Обвиненијата дека се чудовишта кои го уништуваат општеството ги отфрлаат како галама. Само непобитни бројки можат да ги убедат дека нивните компании се деструктивни, и кога тоа ќе се случи, тие го корегираат правецот на својата компанија наместо да ја растурат и одново да ја постават.
Меѓутоа нема бегање од фактот: овие џиновски јавни компании што тие ги имаат создадено повеќе не се фабрики за соништа, туку чист остар бизнис, оптимизиран за профит и за служење на акционерите кои бараат уште поголеми приходи. Иако понекогаш за овие основачи уништувањето на конкуренцијата е чиста забава, вистинската возбуда доаѓа од создавањето нови нешта, повторното навраќање на возбудата која ја имале кога тргнала нивната првична идеја. Меѓутоа станува многу потешко тоа да го направиш кога си задолжен за еден од столбовите на економијата,“ пишува Ливај.
Во случајот со Амазон, компанијата функционира, по зборовите на вработените, како замаец. Односно дека секој аспект на компанијата го забрзува растот на секој друг аспект.
Примерот што го дава Ливај е: тоа што компанијата го има постигнато со вештачка интелигенција се користи за Алекса уредите, кои пак им овозможуваат на корисниците да купуваат производи од Амазон, што пак дава доволен обем на нарачки за да се намали цената на испораката, што го прави поефикасен Амазон Прајм од каде се влеваат фондови во Амазон студијата.
Како извршен претседател на компанијата намерата на Безос е да се фокусира на уште повеќе вакви иницијативи со цел интегрирање во горе опишаниот процес, плус, како што наведува во писмото до вработените ќе се посвети и на вон-Амазон проекти како Вашингтон пост и Блу ориџин.