Дилерот што ги изгуби своите биткоини

Едно од правилата за чување биткоин е да гледаш шифрата за твојот новчаник да ја имаш само оф-лајн (за да не си под константен стрес некој да не ти упадне во лаптоп или телефон). Амандман на ова е да гледаш никој да не ти чачка по дома.

Ирските медиуми ја објавуваат веста за извесен Клифтон Колинс, кој меѓу 2011 и 2012, во најевтиното, купува околу 6.000 биткоини, чиј курс во тој период е меѓу 4 и 6 долари.

Истиот овој Колинс во 2017 наводно е уапсен за растење и одгледување марихуана и последователно добива 5-годишна затворска казна.

Како што Колинс оди во затвор, сопственикот на неговиот стан каде живее под кирија, ги собира сите предмети на Колинс и сè топтан праќа во отпад. Меѓу нив и една рибарска трска во која е скриено парче хартија со кодовите за биткоин новчаникот напишани на него. Човекот сепак е во Ирска, а не во Северна Кореја, па дилемата (а и најслабата алка во приказната) е зошто Колинс по апсењето не му се јавил на некого да му каже да му ја чува трската.

Моментално, по курс од 9.700 долари за биткоин, овие 6.000 биткоини вредат 53,6 милиони долари, кога би го имал кодот за пристапување до сметката.

Делумна утеха за Колинс е дека во време на неговото апсење, биткоин сметката била намирисана од властите па тие ја имаат „запленето“, како и да изгледа тоа за биткоин новчаник за кој немаш пасворд.

26 февруари 2020 - 16:38