Биткоин неколку дена се врткаше околу 39.000 долари пред Тесла да ја објави својата инвестиција, а освен тоа најави дека наскоро ќе почне да го прифаќа биткоин како форма за плаќање за своите електрични возила.
Иако Маск веќе некое време дава поддршка за разни криптовалути (со неколку твита успеа повеќекратно да ја крене цената на Доџкоин), ова е прв пат Тесла официјално да застане зад биткоин.
Ваквиот потег се толкува како знак дека биткоин почнува да добива се поширока „институционална поддршка“, откако Тесла со своите пари се приклучи кон инвестициите во криптовалутата што претходно ги имаа неколку финансиски институции.
Проценката на аналитичарот од лондонски Нексо, Антони Тренчев, што ја пренесува Блумберг е дека најмалку 10% од С&П 500-те компании ќе имаат инвестирано во биткоин до крајот на 2022.
Пред да го постигне рекордот биткоин веќе неколку недели драматично расте и паѓа. Откако ја достигна границата од 40.000, криптовалутата за кратко време падна на 30 и нешто илјади, по што последниве неколку дена варираше на 39.000, за денес да ја пробие границата од 44.000 долари.