Амазон веб сервиси и Микрософт сега се двата финалисти за договорот од 10 милијарди долари за ЈЕДИ (Joint Enterprise Defense Infrastructure). Станува збор за еден од најголемите договори на федералните власти во историјата на САД, со кој една од овие две компании ќе треба да обезбеди облак сервис за Пентагон во САД и низ светот.
Начинот на кој што е поставен тендерот и на кој е предвидена соработката е дека една компанија го добива целиот договор. Уште од почетокот на тендерот ова е клучната поплака на ИБМ и Оракл, кои во својата официјална жалба до властите пишуваат дека таквата форма некоректно го фаворизира Амазон, кој се смета за лидер во индустријата на облак услуги.
Откако жалбата им е одбиена од властите, Оракл ја даде владата на САД на суд, каде обвинува дека постои сериозен конфликт на интереси во кои поранешен функционер на Пентагон ја напуштил својата позиција во 2017 за да премине на работа во Амазон. Според Оракл, спорниот вработен, Деп Уби, додека ги врши првичните истражувања за ЈЕДИ програмата кон крајот на летото и есента 2017, веќе со месеци тајно преговарал со Амазон за вработување, со што биле опфатени дискусии за плата, бонуси за потпишување и право на акции.
Оракл дополнително тврди дека Уби не се тргнал од ЈЕДИ програмата и по неколку недели откако вербално ја прифатил понудата од Амазон и дека во тој период и понатаму добивал информации за конкурентите на Амазон и учествувал на состаноците за техничките потреби на системот, и покрај тоа што истото се смета за конфликт на интереси според владините прописи.
Уште една забелешка е што ниту Амазон, ниту Уби не му пријавиле на Пентагон дека разговараат за вработување, ниту кога почнале разговорите, ниту кога се случила неформалната понуда за работа.