Србија и Трамп, драма во три чина

Политички магазин од Србија, притоа и еден од најчитаните, објавува ексклузивно интервју со Трамп, во кое републиканскиот кандидат се подава да исправи барем една од светските неправди нанесени на српскиот народ, и им се извинува за НАТО бомбардирањето од пред речиси две децении (да, толку пројде).

Прв чин
Во статијата, сега веќе тргната од сајтот на Недељник, Трамп објаснува дека целата таа акција е злодело на претходниот Клинтон, и дека Србите се одличен народ па целото бомбардирање било сосема непотребно, и дека тој им се извинува на Србите и на Србија за тоа што се случило. (Мал проблем во целата работа е што иако Недељник ја тргна статијата од сајт, интервјуто беше најавено како главна тема во новиот број од печатеното издание, кое вчера излезе во трафики.)

Втор чин
Кога веста за објавеното интервју и посебно неговата содржина стига до САД, прво се случува мал хаос во кампот на Трамп, кој, кога и зошто дал интервју, и зошто ги кажал тие работи што се кажани. Откако се пребројуваат, од кампањата на Трамп веднаш објавуваат демант на содржината на интервјуто и дека воопшто Трамп некогаш зборел за Србија.

Недељник тврди дека интервјуто е спроведено преку советничката на Трамп, Сузан Јаворовски. Советничката за Политико изјавува дека "не постои интервју на Трамп на тема Србија," и "Не знам од каде излегло тоа. Никогаш не сум дала какво било интервју на српски новинар."

Од кампањата објавија демант на целото интервју, порачувајќи дека тоа е измама и дека очекуваат тоа да биде повлечено, а магазинот да даде формално извинување за него.

Трет чин
Недељник ја повлекува сторијата од сајт, и објавува своја верзија на случувањата. Тие објаснуваат дека откако една година не успеваат по формални патишта да добијат интервју, во пресрет им излегува еден нивен познаник, инаку српски продуценти и актер до САД, Владимир Рајчиќ. Тој во неколку наврати ги уверува луѓето од Недељник дека е близок со луѓето на потпретседателот Мајк Пенс, и се нуди да помогне околу интервју со Трамп.

Недељник прашањата ги пуштаат уште на почетокот од септември. На Трамп му се поставени 6 прашања, меѓутоа од таму им враќаат дека тој ќе одговори само на 5. Одговорите ги добиваат рано наутро на 9 октомври (инаку недела), на неколку часа пред втората дебата.

Мејлот што го добиваат е потпишан од Сузан Јаворовски, една од медиумските советнички на Трамп. Во преписката за утврдување на кредитот на Рајчиќ кај луѓето на Трамп, тој им испраќа и фотографии со Мајк Пенс, и со Јаворовски, која е виш советник на Трамп за медиуми.

Како потврда за својата сериозност, Недељник во соопштението објаснува и дека пред неколку месеци платиле и добиле интервју со ќерката на Гадафи, меѓутоа истото се уште не е објавено бидејќи не добиле дефинитивна потврда за автентичноста на истото.

"Дали Недељник ни крив ни должен, упадна во жариштето на американската изборна кампања во која не се избираат средства? Дали е точно тоа што цел ден го слушавме од кампот на Трамп, кој очекуваше 'позитивно интервју,' со кое би требало да се придобијат гласовите на православните гласачи и српската дијаспора, а потоа се покажа дека мнозинството водечки медиуми - генерално со анти-Трамп расположение - во прв план го ставија тоа дека Трамп 'им се извинил на оние кои извршија геноцид во Сребреница' и на 'балканскиот убиец Слободан Милошевиќ,' иако тоа не е кажано во ниту една реченица?

Ова нема да биде ни прв нити последен пат Доналд Трамп да ги погази своите зборови. Немаме причина да не веруваме дека од исти принципи не се водат и луѓето од неговата кампања. Кога овој интервју не постигна ефекти кои според нив тоа требало да ги има, се одрекоа од автентичноста. Всушност сведоци сме и како Трамп демантира и видео снимка на која јасно се слуша што тој зборува за жените.

Секако постои и втора можност, која редакцијата на Недељник ќе ја истражи во деновите пред нас, како би го задржале угледот кој го имаме, и заради кој сме најчитаното политичко списание во земјата.

А тоа е дека сме измамени, пред се од Владимир Рајчиќ, иако тоа и понатаму после сите контакти со него и известувања и имиња кои нам ни ги соопшти, не сакаме да го тврдиме," пишува во соопштението на Недељник околу повлекувањето на интервјуто.

Своја изјава имаше и Рајчиќ, тоа тука.


Едно претходно интервју на Рајчиќ од пред четири години:

 

14 октомври 2016 - 09:36