Бранко Милановиќ

Србија: Диктатура или хаос?

Студентското движење во Србија, за да биде успешно и толку да се омасови, мораше да игра на карта на аполитичност и дистанцирање од партии и политички организации. Но, тоа истовремено е и благослов и проклетство. Аполитичко движење со широка база, на крајот води до два исхода: диктатура или хаос. Бидејќи хаосот не може да трае, тоа во секој случај произведува диктатура. 

Актуелната политичка криза во Србија, по масовноста и решеноста да се продолжи со борбата, веројатно е еден од најзначајните настани во нејзината политичка историја. Сепак, гледано од перспектива на владеењето, тоа е повторување на проблемите што ја мачат српската политика откако Србија повторно се појави како независно кнежевство, а потоа кралство, во првата половина на 19 век. 

Србија, како и Аргентина и Русија, е земја со 'кружна историја': исти настани, со со различни протагонисти се повторуваат, навидум засекогаш. Србија беше управувана и во 1825 и во 1925 година на ист начин како и денес: авторитарен лидер кој користи квазидемократски или консултативни алатки, претседава со клиентелистички систем кој промовира корупција на сите нивоа како начин да обезбеди доволна политичка поддршка. Два елементи се клучни: авторитарно владеење и широко распространето поткупување. 

Во таков контекст, актуелниот протест предводен од студентите - со барање за судска одговорност на виновниците за масовната корупција и неквалитетните јавни работи што доведоа до смрт на шеснаесет луѓе во Нови Сад - се чини сосема на место. И навистина, како спонтано движење што започна меѓу универзитетската младина, тој таков и беше. Но, кога се омасови, примајќи големи сегменти од урбаната средна класа, па дури и некои земјоделци и синдикати, се појавија проблемите.

Аполитички  карактер

Движењето рано сфати дека може да биде успешно само ако е целосно аполитично, односно ако не се приврзе кон некоја политичка група или партија и остане надвор од репрезентативниот систем. Колку и да не им се допаѓа режимот на Вучиќ на многумина, тој продолжува да освојува или мнозинство или повеќе од сите други на сите избори (Вучиќ го победи својот најблизок ривал на главно слободните претседателски избори во 2022 година со 61 наспроти 18 отсто, а неговата партија освои 48 отсто од гласовите на парламентарните избори во 2023 година).

Опозициските партии се фрагментирани идеолошки и со постојани борби за лидерство. Значи, постои силна несклоност кон актуелниот режим, па дури и омраза кон него, но оваа несклоност не може да се изрази политички бидејќи несклоноста кон опозициските партии е речиси подеднаква.

Причините за ирелевантноста на опозициските партии се многубројни, но не треба да се занемари дека тие, во своите претходни инкарнации, главно беа на власт, го водеа горе-долу истиот клиентелистички систем и страдаа од корупција. Режимот на Вучиќ само ги влоши овие недостатоци. Накратко, повеќепартискиот систем во Србија се распаѓа, а најмалку 40 отсто од населението нема кој да го претставува (излезноста во претходните два изборни циклуси беше под 60%).

Затоа, движењето предводено од студентите реши да игра на карта на антиполитика. Забрани знамиња или симболи на политички партии, употреба на странски знамиња (поточно знамето на ЕУ, кое е многу непопуларно во Србија) и избегнуваше каква било формална организација.

Движењето го сопре училишниот систем во последните  месеци, студентите ги окупираа универзитетите и одеа на долги маршеви низ земјата за да ја шират својата порака, а одлуките за понатамошни чекори наводно се носат на студентските пленуми и со директно гласање (иако се чини дека никој не знае како точно се одвива ова гласање и дали одлуките се носат едногласно). 

Движењето (кое дури и нема име) комуницира со јавноста преку изјави или објави на интернет, кои како да доаѓаат од повисоко место, од олимписки височини, а кои, згора на тоа, остануваат непотпишани. 

Неговите интелектуални поддржувачи ја промовираа идејата за директна демократија неоптоварена од политичките партии. Антиполитичкиот аспект на движењето го фалат филозофи и аналитичари како Славој Жижек и Јанис Варуфакис.

Диктаура или хаос?

Но, иако делувањето надвор од политичката сфера е причина за успехот на ова движење, тоа има суштински дестабилизирачки ефект кога ќе се преточи во реална политика. Со сегашната аморфна маса, на која ѝ недостига видливо лидерство, движењето нема алатки да ги обврзе владата и самиот Вучиќ.

Затоа, движењето повеќе наликува на Црвените Кмери отколку на полската „Солидарност“. Полското движење веднаш создаде лидерски структури и влезе во преговори со владата. 

Оваа ситуација во одреден момент ќе стане неодржлива и режимот на Вучиќ ќе мора да стане порепресивен. 

Одлуката да не се влезе на политичко поле и да се трансформира движењето во формална организација или политичка партија беше и благослов и проклетство. Благослов затоа што само така можеше да продолжи движењето; проклетство затоа што никогаш не може да ги формулира своите барања на разбирлив политички јазик за да го подобри или промени политичкиот систем. 

За ова второво треба да се спушти од своите олимписки височини, да се трансформира во хиерархиска организација со познато раководство (не се појави лидер во речиси четири месеци протести!), да го претвори својот сегашен јазик во политички идиом и да очекува, или да се надева, политички да претставува големи сегменти од незадоволното население. Но, кога тоа ќе го направи, ќе се спушти на ниво на политички партии на кои, како што веќе споменавме, не им се верува.

Понатаму, како што ова движење влегува во светот на политиката, станува сè поочигледно дека таму има фанови на секакви опции– од екстремна националистичка десница до зелени, социјалдемократи и проевропските либерали – а таквата хетерогена коалиција не може да се управува и брзо би се растурила. Затоа, движењето мора да продолжи да ја игра истата аполитичка игра на која не ѝ се гледа крајот. 

Оваа ситуација во одреден момент ќе стане неодржлива и режимот на Вучиќ ќе мора да стане порепресивен и да се движи кон отворена диктатура. Токму тоа се случи во 1929 година, кога кралот Александар Први забрани секаква политичка активност и воведе лична диктатура. 

Аполитичко движење со широка основа на крајот води до два исхода: диктатура или хаос. Бидејќи хаосот не може да трае, тој во секој случај произведува диктатура. 

На долг рок, некои од добрите страни на движењето веројатно ќе останат (на начинот на кој студентските движења од 1968 година ги трансформираа општествените морални норми), но на краток или среден рок, неговите политички резултати ќе бидат токму спротивни од она што се надева да го постигне.

Бранко Милановиќ

 

25 март 2025 - 10:10